Со упадот во Контролната кула на Скопскиот аеродром се исполнети обележјата на кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај и тоа со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување, му одговори Обвинителството на Основниот кривичен суд Скопје кој денеска рече дека судиите за претходна постапка Пајазит Пајазити и Сандра Крстиќ за четворицата осомничени не досудија притвор оти немало катастрофални последици.
„Во однос на обележјата на кривичното дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од член 303 од КЗ опишано во ставот 2 oд тој член, тие се исполнети со самата можност да се загрози безбедноста на аеродром за меѓународeн воздушен сообраќај со акт на насилство и не е неопходно да настапила катастрофална штетна последица во смисла на тешка повреда, смрт или уништување“, соопшти Обвинителството.
Во моментот на нападот, на 4 јануари, нападнатите контролори воделе 28 авиони на небото над Македонија. Во исто време, на Скопскиот аеродром тој ден имаше вонредни услови поради слетување и полетување во магливо време и намалена видливост и големи задоцнувања и пореметување на редовниот ред на летање.
Напаѓачите се осомничени за „Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај“ од чл. 303 ст.2 вв со чл. 22 од Кривичниот законик, кривично дело кое се казнува со најмалку 5 години затвор. Четворица од напаѓачите по кои МВР уште трага, се надворешни лица кои не се вработени во М-НАВ.
Од Обвинителстото велат дека Јавниот обвинител во својата жалба до Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје детално ги образложил причините поради кои смета дека одлуката на судијата на претходна постапка да не определи мерка притвор за осомничените во конкретниот случај е неоснована.
На 4 јануари, главниот на ДУИ во Чаир Беким Незири, вработен во М-НАВ, и уште седуммина насилници упаднаа во Контролната кула на Скопскиот аеродром при што беше натепан контролор на летање на работното место. Обвинителството бараше притвор за 4 напаѓачи кои се достапни. Но судиите Пајазити и Крстиќ место притвор досудија само мерки на претпазливост, а Судот денеска соопшти дека Обвинителството не дало доволно докази дека бил загрозен воздушниот сообраќај.
„Обвинителството ги има и ги приложи сите докази дека постои реална опасност четворицата осомничени кои се лишени од слобода да се дадат во бегство, да влијаат врз сведоци (вклучувајќи ги и оштетените, но и осомничените кои се уште се недостапни), како и да го повторат делото“, вели Обвинителството.
На 5 јануари ноќта судиите на претходна постапка на Незири и на уште тројца осомничени им определи: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа, односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетениот како и меѓусебна комуникација.
Во петокот, директорот на М-НАВ Фахрудин Хамиди го нарече упадот „мало кошкање како што има во секоја фирма“ и не поднесе оставка.
Владата најави дека на 9 јануари на седница ќе го разреши целото раководство на М-НАВ.