1 Експертите за пожари, врз основа на анализи и проценки за ризик, во 2018 година ја предвиделе катастрофата предизвикана од шумските пожари во Лос Анџелес.
„Сосема предвидливо“ вели Чар Милер, професор по еколошка анализа и историја. „Се градат куќи длабоко во пожарните зони. Знаеме дека тие се пожарни зони, знаеме дека се опасни, а сепак Градското собрание и окружните власти постојано даваат дозволи за градење на местата со сè поголеми и поголеми ризици. Сите фактори што не сакате да ги видите се комбинирани“, вели тој.
Скраја да е, не сакам да кобам, еве се мрднав неколкупати од место, чукнав сто пати во дрво и направив „пу, пу, пу“, ама барем на ова место сигурно едно дваесет пати имам пишувано за ризиците од неконтролираното градење и кај нас. Погледнете околу себе. Дома или на работа. И само замислете си дали во овој момент сте безбедни ако мора итно да дојде да ве спасува Пожарна или Брза помош. Или, прво ќе мора да доаѓа пајак да го расчисти приодот од непрописно паркирани коли, блокирани тротоари и изградени пушачки тераси.
И во Америка, каде што приватниот капитал е закон над законите, има некои луѓе што учеле школо, знаат нешто, прават анализи и предупредуваат. Не се само мрчатори, неутрана и што ли уште не, како што властите ги обвинуваат кај нас кога гласно предупредуваат дека неконтролираното градење го прави ризично нашето секојдневно живеење. Дека тие предупредувања не се инстинктивни, како што градежниците инстинктивно си бараат локации за градење, а градоначалниците инстинктивно им продаваат државно земјиште и им даваат дозволи.
Па нам ваква катаклизма ни се случи летото 2016 во скопско Стајковци кога во поплава од пороен дожд загинаа 22. Претходната година во тетовско Шипковица, исто така од поплава загинаа петмина. Од неисчистени канали и узурпирани улици. А пожарите од минатото лето? И од претходните години кога огновите се приближија до првите куќи во Кочани, во Битола? Кој да се сеќава на тоа?
Од алчност ја направија државата нехумано место за живеење. Секојдневието ни е претворено во хазард од коруптивната спрега помеѓу алчните локални власти и алчните градежници. На крајот на краиштата, баш ми е гајле за градежниците, таканаречени инвеститори. Тие си имаат свој интерес. Ама, локалните власти што сами си ги бираме се тие што треба да го штитат јавниот интерес и безбедност. А не да мислат само за ќарот на градежниците. Односно, само за својот личен ќар.
Па и тие станчиња, со кои си ја смируваат сопствената совест дека им се за децата. Дали се свесни дека поради нивната корумпираност, и децата ќе им живеат во град во кој нема да можат да си ги спасат ни сопствените родители кога ќе треба да ги носат в болница?
Како бре, не им е шубе за сопствениот живот?
2 Што се чудите дека Сашо Мијалков, шефот на тајната полиција од времето на Никола Груевски, против кого се водеа шест судски постапки, еднаш беше и осуден и си одлежа дел од затворската казна во Струга, се појавил во Монте Карло? Мијалков е слободен граѓанин. Си се оддолжи кон државата и си отишол за празник во странство.
Не беше ли чудно кога СДСМ и ДУИ го сменија законот и ги намалија казните на високите функционери за злоупотреба на службената должност и корупција и го скратија рокот за застарување на тие кривични дела? И не беше ли чудно дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ баш кога се гласаше тој закон направија кворум во Собранието, а блокираа сѐ што претходно се предлагаше? А чудно е дека Мијалков се паркирал пред скап хотел во Монте Карло со црвено „ферари“.
А со што очекувавте да се довезе Мијалков во Монте Карло? Наместо со црвено „ферари“ да дојава на бел коњ? Како војвода.
3 Многу се израдував кога на ТВ Телма го слушнав претседателот на Синдикатот на Управата, правосудството и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски, дека ако Владата не им ја покачи платата на државните чиновници за 30 проценти, „ќе има огромен егзодус од државните и јавни институции“.
Па не бараат, 2,3, 5, туку одма 30 отсто. Дека за третина им се подобрил квалитетот на услугите што ги даваат на граѓаните. Знаат ли тие што не се вработени во приватна фирма што значи зголемување на плати од 30 проценти? Дека тие 30 проценти треба од некаде да дојдат? Дека за ним да им се обезбеди покачување треба да се скрати од патишта, градинки, школи? И дека за тие нивни 30 проценти некој друг што нема неограничени права на пауза треба да изработи 100 проценти повеќе?
Ама, велат има и такви во државната администрација што си ја заработуваат платата. Тогаш, работниците нека не се солидаризираат со неработниците. Нека ги пријават. И нека избркаат од работа 30 проценти. И таман, со тие пари ќе си ја зголемат платата.
Во оваа држава штрајкуваат само тие што се на државна плата. Тоа значи дека нивниот работодавец има пари за бескрајно да им ги зголемува платите. И најлесно може да го уценуваат, особено пред избори. Па ќе мора да земе уште некој кредит од Орбан.
Е па, таман. Тие што ќе бидат дел од егзодусот нека се вработат во фирмите што ќе отвараат работни места со парите од унгарскиот кредит. Оти на нив само административци им требаат.
4 Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ќе го разреши заменик-директорот на ЈП „Македонија пат“ Сашо Дранго, ако се докаже дека тој ја убил мечката со која што се беше сликал со пушка и двоглед.
Истрагата е во тек. Премиерот не може туку така да разреши некој заменик-директор само врз основа на тоа што се сликал со отепана мечка. Допрва треба да се открие дали мечката е убиена со пушката со која се сликал кадарот на владејачката партија, или била удрена од кола. А за тоа треба време и стручна експертиза. Не може Мицкоски туку така да признае грешка во изборот на кадрите. Не смее вмровците туку така да се разрешуваат или да им се бара оставка. Оти, тие се најдобри и безгрешни.
Така што, може ќе треба мечката да се прати во некоја референтна лабораторија во странство. Па премиерот ќе ги чека форензичките резултати. Оти одлуката за евентуалното разрешување на заменик-директорот на „Македонија пат“ мора да му биде заснована врз основа на научни докази.
5 Во пациото во објектот на Завод и музеј во Битола беше запален коледарски оган.
Станува збор за уникатен простор кој е дел од некогашното воено училиште старо 178 години во кое учел реформаторот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Пациото пред година и пол беше реконструирано со проект на ЕУ и на Министерството за локална самоуправа и сега во него се организираат културни настани.
Директорот на Битолскиот музеј рече дека сакале со вработените да ја одбележат традицијата и запалиле оган во поткачено буре, ама го изолирале со тервол и песок. Демек, контролиран оган.
Следната година, Министерството за култура нека запали коледарски оган кај Аквадуктот во Скопје. Бидејќи Американците плаќаат за негова реставрација, како што ЕУ платила за музејот во Битола, нека видат донаторите дека активно се работи на заштитата на културното наследство. Ко што би рекол битолскиот директор: „Никаква искра немаше, сѐ беше заштитено и ништо не се оштети“.
Строго контролирана пожарна зона.
АУДИО ВЕРЗИЈА – АUDIO PODCAST