МИЦКОСКИ Е ПОД ПРИТИСОК НА НЕКОИ УВЕРУВАЊА ОД АЛБАНСКАТА ГРУПА ВО ВЛАДАТА, ЛИЧНО ЌЕ МУ ЈА ОБЈАСНАМ ОДЛУКАТА ДА ОДИМЕ СО ПОСЕБНИ ЛИСТИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, РЕЧЕ ТАРАВАРИ

    МИЦКОСКИ Е ПОД ПРИТИСОК НА НЕКОИ УВЕРУВАЊА ОД АЛБАНСКАТА ГРУПА ВО ВЛАДАТА, ЛИЧНО ЌЕ МУ ЈА ОБЈАСНАМ ОДЛУКАТА ДА ОДИМЕ СО ПОСЕБНИ ЛИСТИ НА ЛОКАЛНИТЕ ИЗБОРИ, РЕЧЕ ТАРАВАРИЕдинствената вистина е дека ние како партија одлучивме да излеземе со посебни листи на советници на локалните избори, рече Таравари. (Фото: СДК.МК)

    „Премиерот Мицкоски во последно време беше и е под голем притисок поради неколку работи и жал ми е што слушам дека и тој станува жртва на овие ‘уверувања’. Единствената вистина е дека ние како партија одлучивме да излеземе со посебни листи на советници на локалните избори“, рече денеска лидерот на Алијанса за Албанците и министер за здравство Арбен Таравари, откако премиерот денеска потврди дека Алијанса излегува од Владата. Мицкоски рече дека не може да го разбере трансферот на Таравари од власт во опозиција, особено што заминува, како што рече, „во прегратките на Али Ахмети и ДУИ“.

    Алијанса за Албанците е дел од владиниот коалиционен партнер Коалицијата „Вреди“ во која се и Алтернатива на на Африм Гаши, Беса на Биљал Касами и Демократско движење на Изет Меџити . Тие три партии во „Вреди“, не се согласија Алијанса за Албанците на Локалните избори во октомври да настапи со посебни советнички листи и објавија дека коалицијата ќе дејствува како еден политички субјект.

    „Оваа одлука не беше добро примена од страна на албанската група во Владата и тие покренаа илјада алибија. Ние повеќе не сакаме да бидеме дел од оваа клима на гласини и заговори што е создадена. Овие политичари Албанци што се во Владата, за жал, не можат да се променат, тие се потомци на стариот политички менталитет. Сепак, ќе разговарам лично со г. Мицкоски за јасно и точно да му кажам за нашата одлука“, рече Таравари за ТВ 21.

    На новинарско прашање по посетата на градинка во скопската општина Гази Баба, за преговорите на Таравари со Али Ахмети во врска со претстојните локални избори, Мицкоски рече:

    „Јас забележав и мислам дека Таравари и неколкумина околу него се одлучени да се вратат во прегратките на Али Ахмети и ДУИ. Јас можам само да му посакам среќа и се надевам дека ќе имаме една завршна средба следната недела во која ќе сумираме што е тоа што е направено и да му посакам пред сѐ добро здравје. Тоа е она кое што ни е најважно на сите нас. Морам да кажам дека најмалку што очекував е да се врати назад во прегратките на Али Ахмети и останатите, но тоа е сепак негова одлука и убеден сум одлука на малкумина и дека тоа не е одлука на членството на Алијанса на Албанците и на голем дел на луѓето кои се дел од оваа Влада. Чесно и доблесно беше самиот тоа да го направи да не ја влече Владата за нос и граѓаните, но ете полека, но сигурно станува јасно дека тој се враќа назад во прегратката на сите оние кои повеќе од 2 децении ја пустошеа, криминалиизраа и ограбуваа и ја фрлија Македонија на колена“, рече Мицкоски.

    Премиерот рече дека Владата е стабилна и ќе продолжи да работи.

    Алијанса за Албанците има 2 министерски места – Таравари за здравство и Арбен Фетаи е вицепремиер и министер за добро владеење – и 6 пратеници во Собранието.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира