1 Во Република Апсурдистан слеп возач возел комбе, со ретровизорот удрил жена и ја отепал и додека траела истрагата за несреќата полицијата му издала нова возачка дозвола, оти старата му била истечена уште во времето на несреќата.
Обвинителството во Кавадарци го води случајот, ама не знае од каде да почне. Прво, како возачот добил лекарско уверение дека е 99 отсто слеп, а возел комбе? Второ, како добил инвалидска пензија дека е слеп, а работел возејќи комбе? И трето, како МВР му ја продолжило возачката дозвола на возач кој е слеп? И четврто, дали возачот воопшто ќе одговара зошто усмртил жена што одела пешки, затоа што олеснителна околност му е дека не не можел да ја види, штом е слеп?
Значи, државата ти потврдува дека си слеп. Државата ти дава пензија затоа што си слеп. И државата ти дава возачка дозвола, иако си отепал жена, додека истата држава води истрага за несреќата. Што тука не е јасно? Сѐ си е како што треба. Сѐ си е на свое место.
Баш вака почнала приказната за трагедијата во Кочани што ни однесе 62 млади животи. Ако слеп човек, додека е под истрага вози комбе со возачка дозвола, зошто би било чудно дека шупа што служела како магацин за теписи се претворила во дискотека?
Ние имаме систем. Некои штрафчиња во тој систем се секогаш добро подмачкани.
2 Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски, најави дека в година ќе постави спомен-плоча во чест на 22 загинати во поплавата во Стајковци во 2016.
Несреќи се случуваат. И природни катастрофи. Тоа не можеш да го предвидиш. Ама, ефикасноста на една држава се мери со тоа како системот реагира кога ќе има несреќа. И како се справува со последиците од несреќата. И како спречува такви несреќи да се повторат.
На пример, како се справува Стајковци со последиците од несреќата, освен што градоначалникот ги повикува граѓаните да му ја прифатат иницијативата за споменик на загинатите? И како се справуваат другите градоначалници со последиците од несреќите? Дали учат на грешките? Дали научиле некоја лекција од кочанската трагедија за да спречат слична трагедија?
Што се сменило во системот од Стајковци 2016 до Кочани 2025? Па и пред Стајковци, отако во Шипковица во 2015 кога во порој загинаа 6 луѓе, меѓу кои и деца. Исчистени ли се одводните канали? Казнет ли е некој за фрлање ѓубре и шут? Спречен ли е некој што диво сечел шума? Проодни ли се улиците? Имаат ли пристап службите за брза помош? Дали има слободен простор за бегање? Отстранети ли се дивоградбите? Или, поедноставо е да се изгради споменик за трагедиите, отколку да се одржува критична инфраструктура што ќе ги избегне тие трагедии.
И министерот за култура Зоран Љутков вели дека државата ќе го догради недовршениот споменик на Мајка Тереза во центарот на Скопје, иако е дивоградба, затоа што ќе чини поскапо да се урне, отколку да се догради.
Работна група што ја формираше Владата на СДСМ во 2017 донесе заклучок дека споменикот, што всушност е зграда, треба да се урне, не само затоа што прекршува повеќе закони и приписи од урбанистичка гледна точка, туку и затоа што е небезбеден бидејќи го затвора пристапот кон Плоштадот Македонија во случај на итни ситуации, при собири на голем број луѓе. И покрај мислењето на стручната работна група, Владата на Заев не го урна споменикот. А Владата на Мицкоски има намера да го догради.
Важно, шахтите на главните улици и булевари низ Скопје што водат кон Владата и другите државни институции ги заварија. За функционерите да бидат безбедни. За нашата безбедност, можеби ќе се извинат во некоја прилика кога ќе се жалат дека им бил најтежок ден во животот.
Со споменици ќе ги жалиме мртвите. Иако, ние живите сме за жалење.
3 Организацијата „Македонија2025“, формирана од македонски иселеници, води кампања под мотото „Македонска дијаспоро, врати се повторно дома“.Како дел од кампањата се поставени билборди, а на граничниот премин Табановце се делат флаери со кои дијаспората се повикува да пополни анкета. Во повикот на социјалните мрежи стои: „Кажете ни што ви треба? Кажете ни што би ве вратило назад?“
Бидејќи кампањата е во партнерство со Владата, ме чуди зошто ја прашуваат само дијаспората? Ако на Владата ѝ е толку важно да дознае што е тоа што ги избркало нашите од дома, тогаш нека нѐ праша и нас: „Што ви треба? Што би ве задржало дома?“ Затоа што, тоа што иселените ги држи надвор е истото што и нас би нѐ избркало од дома.
И што ќе прават ако дијаспората им каже дека сака правен систем, праведност, неселективна правда, транспарентно трошење на заедничките пари, предвидливост на бизнисите, на пензионерските денови, непартизирана администрација, непартизирано образование, непартизирано здравство, непартизирана култура…
Ееее, ако е така, тогаш, ај не доаѓајте.
Или, само властите знаат што ни треба. И ни кажуваат, па затоа и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, иако непријатели, заеднички, со здружени сили, ги спречуваат независните граѓански иницијативи да се кандидираат на избори. Тие железни канџи ставија да ги сопрат граѓаните со свое мислење да излезат на избори, па ќе ја послушале дијаспората да каже што им треба.
4 Швајцарија ќе даде 3 милиони евра за реконструкција на пречистителната станица за отпадни води во Куманово.
Истата пречистителна станица беше изградена во 2005 година. Чинеше 10 милиони евра, исто така пари обезбедени од швајцарските даночни обврзници.
Со помош на Швајцарија досега се изградени пречистителни станици во осум македонски градови уште пред дваесетина години. На сите им треба замена на системите и одржување, а некои од Општините се жалат и дека многу плаќале за струја.
Е па, кој им е крив на Швајцарците. Штом си ги направиле пречистителните станици, сега нека си ги поправаат. Па и струјата нека ни ја плаќаат.
Нашите Општини, парите за комуналии што им ги плаќаат граѓаните си ги потрошија за плати на шофери, секретарки, референти… Добро, де. И за споменици.
Нам ни треба еден голем Споменик на глупоста. Кој власта, од која и да е партија, ќе го подигне во спомен на глупавите гласачи, што 35 години секогаш одново и одново паѓаат на истите финти.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST