Универзалната сала, зградата на Централната пошта, Калето, Аквадуктот се локациите кои се најавуваат како главни пунктови каде ќе се одржуваат настаните во рамки на Скопје – Европска престолнина на културата 2028.
Во септември 2023 Скопје ја доби титулата за Град на културата во Европа за 2028, европска иницијатива за културна соработка. Скопје ќе ја дели титулата со градовите Ческе Будјејовице во Чешка и Бурж во Франција.
Oфицијалната програма ќе се спроведува низ целата територија на градот и во десетте општини, како во институциските, така и во јавните простори.
На година и половина пред почетокот на манифестацијата Редакцијата САКАМДАКАЖАМ.МК направи обиколка низ Калето, Аквадуктот, Поштата и Универзалната сала.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски вели дека иако остана само уште година и пол до почнување на манифестацијата, објектите ќе бидат навреме спремни.
„Има доволно време да се завршат сите работи и да се реновираат и освежат објектите каде ќе се одржуваат настани во рамките на Скопје – Европска престолнина на културата“. На Кале планираме на патеките кои сега се со бетон, да ги вратиме оригиналните камени плочки. До Аквадуктот точно дека нема соодветен пристап, но и тоа не е работа за која е потребно многу време. Ќе се асфалтираат патеки, ќе се осветли, исчисти и ќе се постави сцена. За реновирање на Поштата веќе е распишан тендер, а на Универзална сала градежните работи се почнати. Сите обрвски кои ги има Град Скопје ќе биде завршени“, ни изјави Ѓорѓиевски.
Од Министерството за култура и туризам велат дека за Шалтер-салата при крај е постапката за одобрување на интервенциите од Министерство за транспорт и врски.
„Во однос на Аквадуктот, објавен е тендер кој беше поништен поради неисполнување на условите од пријавените фирми. Изработката на проектот за ревитализација на Калето е во завршна фаза“, велат од Министерството.
Настани ќе се одржуваат и во уметничките галерии, музеите, театрите, плоштадите…
Во моментов градското Кино Милениум не работи, а континуирана програма нема ниту кино Фросина.
Аквадуктот
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во април кажа дека настани ќе се одржуваат и на Аквадуктот, кој ќе биде претворен во летна сцена.

Аквадуктот на 20 април 2021 беше прогласен за споменик од особено значење и со тоа доби највисок степен на заштита. (Фото: Н. Батев)
Аквадуктот со години беше место со многу отпад, но изминатиот период имаше повеќе акции за негово чистење, па на лице место може да се види дека не е до толку запустено. Нема јасни патокази да се стигне до Аквадуктот, а не е безбедна тесната патека за автомобили која минува низ куќи и реката Серава.
Аквадуктот на 20 април 2021 беше прогласен за споменик од особено значење и со тоа доби највисок степен на заштита. Тогашната американска амбасадорка Анџела Агелер во декември 2024 најави дека Аквадуктот ќе биде реставриран со грант од 205.000 долари од Амбасадорскиот фонд за културно наследство на САД.
Централната пошта
Тажна е ситуацијата со Шалтер-салата во објектот на Поштата во Скопје. Целиот комплекс на Пошта претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.

Шалтер-салата во Поштата. Објектот денес се смета за симбол на постземјотресното Скопје и е често спомнувана како едно од највредните модернистички архитектонски дела на Балканот. (Фото: Н. Батев)
Просторот воодушевува со бетонската градба и масивните геометриски форми, а предизвикува чувство на лутина и очај, зошто таква градба не е исчистена барем од изметот и пердувите од гулабите. Ѓорѓиевски во април кажа дека гадот Скопје е во постапка со Владата за да ја преземе зградата на Централната пошта за да биде претворена во Младински простор за потребите на Скопје – Европска престолнина на културата (ЕПК).
Универзална сала
Опожарената Универзална сала почна да се реновира на 27 април, а министерот Зоран Љутков рече дека ќе биде готова за година и половина односно ќе биде подготвена да биде една од централните точки за одржување на Скопје – Европска престолнина на културата 2028 година.

ниверзална сала се запали на 9 април 2024, само еден месец откако продолжија градежните работи за нејзина реконструкција. „Универзал Балкан“ ДОО Скопје е фирмата избрана да ја изведе реконструкцијата на скопската Универзална. (Фото: Н. Батев)
Во моментов на Универзална сала поставена е само конструкцијата и куполата, а од сите страни е отворена и се расчистува ѓубрето што останало после пожарот во април 2024. Според проектот ќе се задржи постојната форма и габарит и со тоа ќе се зачувува духот на старата Универзална сала. Куполата ќе биде зголемена и навечер осветлена.
Со проектот за внатрешноста бројот на седишта ќе се намали од 1.500 на 1.200. Ќе се реши и најгорливиот проблем на салата, немање фоаје. Проектот предвидува префрлање на санитариите на друга страна и на сметка на тоа се зголемува фоајето.
Кале

Во 2011 почнаа да се градат три музеи – за праисторија, за османлиски и за средновековен период, но до ден денес не се отворени. (Фото: Н. Батев)
Најголем дел од настаните ќе се одржуваат на тврдината Кале. Таму ќе биде поставена летна сцена. Во моментов просторот на тврдината Кале е исчистен, тревата искосена, но нема никаква дополнителна содржина. Годинава се очекува да бидат завршени музеите на Калето во Скопје. Во 2011 почнаа да се градат три музеи – за праисторија, за османлиски и за средновековен период, но до ден денес ниту се отворени, ниту пак просторот е уреден.
Љутков лани на 25 јули кажа дека Калето 10 години е во запуштена и девастирана состојба и најави дека со 8 милиони денари (околу 130.000 евра) кои ќе се обезбедат од ребалансот на Буџетот, ќе се реконструираат двата музеја и ќе се работи на негова санација за да стане туристичка атракција.
- СКОПСКИТЕ КИНА МИЛЕНИУМ И ФРОСИНА СУСПЕНДИРАНИ ОД ФИЛМСКАТА МРЕЖА ЕУРОПА СИНЕМАС ОТИ НЕ РАБОТАТ
- ЧЕКАМЕ ВЛАДАТА ДА НИ ЈА ДАДЕ ЗГРАДАТА НА ПОШТАТА ЗА ДА БИДЕ МЛАДИНСКИ ЦЕНТАР ЗА СКОПЈЕ – ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, РЕЧЕ ЃОРЃИЕВСКИ
- ОБЈАВЕН ПРВИОТ КОНКУРС ЗА КУЛТУРНО-УМЕТНИЧКИ ПРОЕКТИ ЗА „СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028“, БУЏЕТОТ Е ВКУПНО 300.000 ЕВРА
- МИНИСТЕРСТВОТО ЗА КУЛТУРА СОБИРА ДОКУМЕНТАЦИЈА ЗА ДА ПОЧНЕ РЕНОВИРАЊЕТО НА ШАЛТЕР-САЛАТА ВО ПОШТАТА ВО СКОПЈЕ
- ПОШТАТА ВО СКОПЈЕ ЌЕ СТАНЕ МУЛТИФУНКЦИОНАЛЕН КОМПЛЕКС КОЈ ЌЕ СЕ КОРИСТИ И ЗА СКОПЈЕ – ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, РЕЧЕ ЉУТКОВ
- СЕ КРИЕ ПРОГРАМАТА ЗА СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, НЕ СЕ ЗНАЕ НИ КОЈ Е ВО КООРДИНАТИВНОТО ТЕЛО
- ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА Е ЗАГРИЖЕНА ЗА ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА СКОПЈЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА 2028, ИНСТИТУЦИИТЕ НЕ ПРИКАЖАЛЕ ШТО ДОСЕГА Е СРАБОТЕНО
- СКОПЈЕ ЌЕ БИДЕ ЕВРОПСКА ПРЕСТОЛНИНА НА КУЛТУРАТА ВО 2028 ГОДИНА
Б. НЕСТОРОСКА – А. АНТЕВСКА



