Современи кабинети опремени со професионална угостителска опрема, целосно реновирани училници и реконструиран ученички дом доби Регионалниот центар за стручно образование и обука (РЦСОО) „Ванчо Питошески“ во Охрид преку проект финансиран од Европската Унија (ЕУ) во вредност од 1,75 милиони евра. Училиштето, кое со децении создава кадри за туризмот и угостителството, денес располага со услови што се доближуваат до европските стандарди за практична и стручна настава.
Во кабинетите по готварство и послужување е поставена нова професионална опрема која им овозможува на учениците да работат во услови слични на оние во современите хотели и ресторани. Новата опрема придонесува за поквалитетна практична настава и подобра подготовка на идните угостителски работници. Опремата за унапредување на практичната настава вредна 250.000 евра е набавена во рамки на Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата и Генералниот секретаријат, а имплементирана во соработка со УНДП.
„Се чувствуваме како во модерен хотел. Со новата опрема добиваме можност да работиме во услови кои се многу поблиски до реалната работна средина“, велат учениците.
Разликата е видлива уште при самиот влез во училиштето. Обновените ходници, модерно уредените училници и практичните кабинети оставаат впечаток на современ образовен центар подготвен да одговори на потребите на денешниот пазар на трудот.
Професорите очекуваат новите услови дополнително да ја зголемат заинтересираноста на младите за стручното образование, особено во насоките поврзани со туризмот и угостителството, кои се меѓу најважните стопански гранки во Охридскиот Регион.
При посетата на „Ванчо Питошески“, учениците ги затекнавме како готват храна во целосно обновените кабинети за практична настава, опремени со современа професионална угостителска опрема. Просторот наликува на модерна хотелска и ресторанска кујна, а учениците велат дека новите услови значително го олеснуваат учењето и овозможуваат стекнување практични вештини според современите стандарди во угостителството и туризмот.
„Практичната настава ќе биде поквалитетна, поефикасна и ќе ни овозможи да стекнеме поголема сигурност, искуство и професионални вештини. Ваквите услови значат подобра подготовка за идната професија и повеќе можности по завршувањето на образованието“, велат учениците.
Покрај новата опрема, училиштето доби и целосно реконструиран објект и обновен ученички дом со финансиска поддршка од ЕУ.
Извршена е целосна реконструкција на покривот, фасадата, училниците и интернатот. Поставени се нови прозорци и врати, обновени се подовите и плафоните, изведени се нови водоводни, електрични и системи за греење, инсталирани се соларни панели, современа компјутерска мрежа и противпожарен систем. Уреден е и надворешниот простор околу училиштето и интернатот.
Директорот Тони Андрески вели дека ова е една од најзначајните инвестиции во историјата на училиштето и голем чекор во унапредувањето на образовниот процес и создавањето современа и инспиративна средина за учениците и вработените.
„Училиштето доби комплетно реновирани и современо уредени училници, создадени за поквалитетна и помодерна настава. Кабинетите се опремени со најсовремена угостителска опрема, современи наставни средства и професионални алатки, кои овозможуваат учениците да стекнуваат практични знаења и вештини според европски стандарди. Целосно е реновиран и интернатот, со што се обезбедени подобри услови за престој, учење и секојдневен живот на учениците. Реновирани се ученичките соби, обновен е кровот, а извршено е и партерно уредување на училиштето и интернатот, со што е создадена современа, функционална и безбедна средина“, вели Андрески и додава дека училиштето на овој начин продолжува да создава квалитетни и подготвени кадри за потребите на туристичкиот и угостителскиот сектор.
Со реконструкцијата учениците и вработените добија безбедна, модерна и енергетски ефикасна средина за работа и учење, а училиштето доби услови да продолжи да создава стручни кадри потребни за развојот на туризмот и угостителството во Охрид и регионот.
С. ВРЕНЦОВСКА
„Овој текст е изработен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој текст е единствена одговорност на дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС“.









