Со минута молк за почит на жртвите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ по спонтан повик од публиката по проекцијата и со многу емоции, синоќа на Македокс во преполниот Куршумли ан беше проследена македонската премиера на „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски, документарец со сведоштва од преживеаните од најголемата несреќа во земјава со 63 жртви.
Во разговорот по проекцијата, Манчевски се заблагодари на „Сапорт Кочани“ и рече дека без нив овој филм немало да биде можно да се сними, но дека е особено благодарен на довербата од граѓаните во Кочани кои препознале дека не го интересира да прави сензација ни да тера политика, туку да им даде платформа на која ќе се забележи и чуе нивната болка, така што филмот да биде документарец, но и документ. При големи трагедии, најчесто не се слуша гласот на тие кои преживеале, рече тој.
Сведоштвата на млади луѓе кои биле повредени и оние кои спасувале, како и на родители чии деца загинале во несреќата, се снимени еден месец по несреќата, рече Манчевски.
„Пријател психијатар ми рече дека во тој момент тие се уште биле во состојба на шок, уште не се ни појавило пострауматското растројство (ПТСД)“, рече тој и додаде дека одлучил филмот да биде аскетски минималистички за да се избегне каква било филмска манипулација.
„Сакавме филм во кој ќе се чуе гласот на некој кој ѝ гледал на смртта в очи и сака да зборува за тоа, а гледачот да нема кај да бега. Вајањето на филмот во неговата финална верзија се случи со месеци и месеци во монтажата. Меѓутоа, основната идеја беше да се направи токму ваков филм. Многу е лесно визуелно да се збогати еден филм – да се оди во Кочани, да се сними градот, да се снимат учесниците во нивните секојдневни ситуации, да се употреби архивски материјал, но мислев дека е многу поважно и многу подобро како гледачи да бидеме соочени со нив, лице в лице, да ги видиме лицата, да ги чуеме гласовите и да нема каде да бегаме. Јас не сум документарист. Имам снимено половина филм во минатото, кој е дел од „Мајки“. Имам работено документарни филмови и во Њујорк, но долго време тоа не го правам. Јас имам голема сомнеж кон документаристичкиот жанр. Мислам дека честопати сакајќи или не сакајќи во помала или во поголема мерка вистината е манипулирана во правењето документарни филмови. Исто така, имам видено филмови каде што недостигот на талент се крие зад многу важна приказна. Меѓутоа, сметав дека ова е многу важен настан и дека тоа што луѓето од Кочани имаат да го кажат и тоа што го почувствувале мора да биде запишано во еден ваков формат, затоа направив документарец. Многу ми е драго што филмот наидува на разбирање, иако беше прикажан само во Сараево и веќе има неколку рецензии. Луѓето го разбираат филмот, го разбираат минимализмот на филмот, го разбираат чувството, дури и тоа зрно надеж на крајот од филмот“, рече Манчевски.
На прашањето какви емоции имал при снимањето и монтажата, рече дека додека снимале, а и потоа во монтажата успеал да си земе неопходна професионална дистанца оти тоа беше важно за да се направи филмот, а дека најтешка работа имал монтажерот Мишко Чунихин кој требал да прегледа огромен снимен материјал, од кој всушност требало да се исплете приказната во филмот. „Мојата емотивната реакција дојде дури откако го завршив филмот, има сцени на кои ми иде да заплачам“, рече Манчевски.
На прашањето од публиката дали имало притисоци додека се снимал филмот, тој рече, „Не, затоа што се погриживме да ги нема“:
„Ова е приватен проект, јас го финансирав и не баравме поддршка од Агенцијата за филм, меѓу другото за да избегнеме можност за притисоци. А и да баравме немаше да добиеме оти јас бев на црната листа 4 години зашто пријавив корупција во Агенцијата, па за одмазда ми беа блокирани претходните и идни проекти. Ги тужев, добив две судски пресуди, а наводите ги потврдија и Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија (ДЗР), Министреството за култура и Транспаренси интернеенал“, рече Манчевски.
Едно од прашањата од публиката беше и дали филмот ќе влијае позитивно или негативно врз судењето за „Пулс“, на што Манчевски рече „јас сум режисер, не сум судија“ и доби аплауз.
Од 26 август, „Добри луѓе“ ќе игра во скопското кино Синеплекс. На иницијатива на Манчевски и во соработка со Синеплекс, целиот приход од билетите ќе биде дониран преку „Сапорт Кочани“ за помош на жртвите и преживеаните од трагедијата во Кочани, соопшти киното. Пред почетокот на проекциите ќе биде објавен на платното кју-ар код, преку кој, секој што сака ќе може дополнително да донира. Денеска и утре филмот ќе има и бесплатни проекции во Домот на културата „Белимугри“ во Кочани.
Монтажер е Мишко Чунихин, директор на фотографијата е Иван Ивановски, музиката е на Игор Василев-Новоградска, а извршни продуценти се Татјана Ќурчинска-Пепељугоска и Лудовико Кантисани.



