Инцидент со бротче кој удри во СУП даска лиску до брегот, при што исфрли двајца капачи на охридската плажа Лагадин во саботата, дополнително ја отвори темата за безбедноста на Охридското Езеро каде во екот на туристичката сезона има сѐ повеќе капачи, глисери, скутери, чамци и рекреативни пловни средства. Капетанијата на пристаништата и полицијата го регистрираа инцидентот испитувајќи ги оштетените и сведоци на плажата, но уште не дале официјален извештај.
Жителите на викенд-населбата Лагадин поддржани од еколошки активисти завчера протестира и со СУП даски направија водена блокада, барајќи почитување на правилата за пловидба и поголема контрола на пловните објекти што се приближуваат до зоните за капење, а потоа од езерото се префрлија на копно. Половина час наизменично го блокираа регионалниот пат кон Свети Наум и удираа на штитниците на патот, предупредувајќи дека неконтролираната урбанизација го загрозува сообраќајот и движењето на пешаците.
Со транспаренти „УНЕСКО, имаме проблем“, „Бетонот – смрт за туризмот“, „Урбанизација без канализација“ и „Закон за внатрешна пловидба, член 13“, демонстрантите предупредија на повеќе проблеми со кои се соочува охридското крајбрежје. Покрај урбанизацијата, во фокусот беше и безбедноста на капачите и непочитувањето на прописите од дел од сопствениците и управувачите на пловни објекти.
Надлежните велат дека во текот на сезоната спроведуваат засилени контроли. Засилените контроли на Охридското Езеро оваа туристичка сезона веќе открија бројни прекршувања. Само во една од последните заеднички контроли на полициските службеници од Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, Регионалниот центар за гранични работи Запад и инспекторите од Капетанијата на пристаништата Охрид биле констатирани 52 прекршоци. Деветмина од контролираните управувале пловни објекти под дејство на алкохол.
Најчестите прекршоци се пловење со истечена пловидбена дозвола, управување без уверение за управување со чамец, неносење појас за спасување, претовар на пловните објекти, глисирање во близина на брегот и пловење без соодветно осветлување ноќе.
Особено загрижува што голем дел од санкциите се изрекуваат на сопственици на водени скутери и глисери кои во одредени делови од крајбрежјето се движат блиску до зоните за капење, што предизвикува реакции кај посетителите и претставува дополнителен ризик за капачите.
Глисерите и водените скутери смеат да глисираат дури откако ќе ја напуштат зоната од 300 метри од брегот. Дотогаш мора да се движат со мала брзина за да не ги загрозуваат капачите и другите учесници во водниот сообраќај. За непочитување на ова правило е предвидена казна од 250 евра, а при повторени прекршоци може да следува и одземање на скутерот.
Но, безбедноста на вода не зависи само од однесувањето на глисерите и скутерите. Правила важат и за педалинките, СУП даските и другите рекреативни средства.
Издавачите на педалинки не смеат да им ги даваат на малолетни лица без надзор, на една педалинка не смеат да има повеќе од четири лица, задолжително е обезбедување елеци за спасување, а тие не смеат да се оддалечуваат повеќе од 300 метри од брегот. Сепак, на терен често се забележуваат преоптоварени педалинки и нивно оддалечување од брегот без доволно искуство и соодветна опрема.
Одговорност имаат и концесионерите на плажите. Согласно прописите, секој концесионер треба да обезбеди најмалку еден спасувач и да ги почитува безбедносните стандарди за користење на рекреативните содржини. Во моментов, на 11 капалишта се ангажирани 13 спасители.
Плажите треба да бидат соодветно обележани со пловни ознаки – бови, кои ја определуваат зоната за капење и границата до која капачите можат безбедно да се движат во водата. Сепак, искуствата покажуваат неправилности, од недоволен број спасувачи во одредени периоди до неконтролирано издавање реквизити за водни спортови.
За дополнително намалување на ризиците, Министерството за транспорт на 2 јуни донесе одлука со која се забранува возење скутери на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро од 1 јули до 31 август, од 11 до 19 часот.
Со одлуката е ограничена и ноќната пловидба со чамци. Од 3 јуни до 31 август забраната важи од 21 до 5 часот, од 1 септември од 20 до 6 часот, а од 1 до 31 октомври од 19 до 6 часот.
Од Министерството велат дека мерките се воведени за намалување на ризикот од несреќи, заштита на капачите и зачувување на јавниот ред на езерата, а за непочитување на ограничувањата ќе следуваат мерки согласно законските прописи.
Охридското Езеро во лето го делат капачи, туристи, чамци, глисери, скутери, педалинки и СУП даски. Од Капетанијата посочуваат дека безбедноста не може да се обезбеди само со контроли и казни, туку е потребна лична одговорност и доследно почитување на правилата од сите што се движат по езерото.
С. ВРЕНЦОВСКА



