1 Иде ноември. А со ноември доаѓаат и општинските празници со кои ќе се одбележат 82 години од ослободувањето на градовите од фашистичкиот окупатор. Тоа се денови кога обично градоначалниците и разни партиски делегации секој со своето „свежо цвеќе“ одат на партизанските гробишта во нивните општини.
Пред десетина дена објавивме репортажа од партизанските гробишта во Битола. Зараснати во трева и плевел, со избледени букви на спомен-плочите, со искршени плочки на патеката кон нив. Во Општина Битола велат дека нивна обврска е само одржувањето на патеката кон гробиштата. За другото треба да се грижи невладиното здружение Сојуз на борците. Па, приватни ли се тие гробишта?
За разлика од гробиштата на македонските партизани, гробиштата на загинатите војници од други држави од Првата светска војна се уредени паркови. Така е затоа што за одржување на германските, француските, српските и бугарските воени гробишта, се грижат државите на нивните загинати војници. Си водат сметка за историјата, без оглед на тоа каква е и што барале нивни војници тука.
Почитувањето на нивните паднатите борци е обврска на државата, а не на некои здруженија и невладини организации. Германија, Франција, Србија, Бугарија и Велика Британија си го чуваат споменот на нивните паднати војници на оваа територија. А кај нас, државата може да ја одржува само патеката кон гробовите на нашите паднати борци. А и таа не е одржана.
А зошто, пак, гробиштата на партизаните би биле од јавен интерес за да ги одржува државата? Па тоа се само гробови на некои си борци против фашизмот по чија битка македонскиот народ првпат во историјата доби своја држава. Тоа се само гробови на некои млади луѓе благодарение на кои сега имаме кодифициран македонски јазик, правопис, универзитети, театри, опера и балет, медиуми, академија на науки, па дури и црква. Сè што не ни треба денес, а не сме имале со векови.
Пред 4 години САД го платија реновирањето на Споменикот на слободата во Кочани. Обично, Американците ни даваа пари за заштита на археолошките ископини и на културното наследство од Средниот век, а ова беше прв случај со американски пари да се реновира современ споменик на антифашизмот.
И што се случи? Реставриран е мозаикот на Глигор Чемерски, ама украдени се светлата што го осветлуваат монументалниот споменик од 1981.
Со американски пари го чуваме споменот на антифашизмот, а со македонски навики ги крадеме светлата. И гордо зборуваме за заштита на идентитетот.
2 Цела недела слушаме анализи за спектакуларната победа на Студентската листа на изборите во Србија и падот на Александар Вучиќ по двегодишната битка со која студентите ја победија и власта и опозицијата. Повод за почеток на битката беше паѓањето на настрешница на штотуку реновирана Железничка станица во Нови Сад при што загинаа 16 луѓе, меѓу кои и еден македонски научник.
Речиси истовремено кога српските студенти победија на изборите, во најново реновираниот студентски дом во центарот на Скопје експлодира бојлер, а Стојна од Куклици му го возврати ударот на државата и, иако апсена и тужена, продолжи да си наплаќа влез во споменикот на природата. Оти ѝ се може.
Србија и Македонија се двајца блиски соседи, ама два сосема различни света. И тоа не само затоа што Вучиќ изгуби во сопствената држава, а доби кај нас. Што е битно ако експлодирал болјлер во штотуку реновиран студентски дом, ако фирмата што го реновирала е блиска до партијата на власт? Што е битно дали се задоволни студентите, ако е задоволна фирмата што го добила тендерот?
Два дена откако Вучиќ ја изгуби битката со српските студенти, премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование Весна Јаневска ги примија македонските студенти во Владата. По две години барања да им се зголеми субвенционираниот оброк од 140 на 200 денари дневно, конечно дојдоа на ред и тие.
Студентите бараат повеќе пари за дневен оброк, а Мицкоски и Јаневска им понудиле електронски ваучери од 4.500 денари месечно. Значи, наместо зголемување на дневниот износ на 200 денари, добиле предлог за месечен износ, ама и апликација со која ќе се контролира дали парите ги трошат исклучиво за храна.
Во најдобрата држава во Европа студентите имаат 140 денари дневно за јадење, ама Владата сака да контролира како ги трошат парите. Не е проблем ако студентот е гладен. Проблем е ако не е под контрола.
3 Во 2018 година, професорката Кристина Крамер од Универзитетот во Торонто, на научна конференција во МАНУ, објави дека „идиот“ и „морон“ се најкористените интернационализми во прислушуваните разговори од таканаречените „бомби“ што СДСМ ги објавуваше во 2015 како незаконски прислушувани разговори за време на владеењето на Никола Груевски.
Тогаш тие зборови ги слушавме во приватни разговори меѓу политичарите. Не беа јавни. Сега има напредок, па од прислушувани муабети стигнавме до директен пренос. За меѓусебно нарекување идиоти слушаме јавно, на прес-конференции и од собраниска говорница.
Откако лидерот на СДСМ Венко Филипче на прес-конференција праша: „Па може ли таков идиот да е човекот, комплетен?“, премиерот Мицкоски од собраниска говорница му одговори: „Замислете идиот да ве победува седум-осум пати на избори, тогаш треба да си ги го поставите прашањето кој е вистинскиот идиот“.
Не знам кој е идиот. Ама знам кој ги плаќа двајцата да расправаат кој е идиот. И ми е страв дека изгледа оти времето на идиоти и морони допрва доаѓа.
Поради стигматизација, медицината и психологијата уште во втората половина на 20 век ги напуштија термините „идиот“ и „морон“. А кај нас доживуваат политичка ренесанса.
АУДИО ВЕРЗИЈА – AUDIO PODCAST


