ОБВИНЕНИЕ ЗА БИТОЛЧАНЕЦОТ КОЈ ЈА ПРЕТЕПА ДЕВОЈКА СИ И ИЗБЕГА ОД ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА, СЕ БАРА ДА ОСТАНЕ ВО ПРИТВОР

ОБВИНЕНИЕ ЗА БИТОЛЧАНЕЦОТ КОЈ ЈА ПРЕТЕПА ДЕВОЈКА СИ И ИЗБЕГА ОД ПОЛИЦИСКА СТАНИЦА, СЕ БАРА ДА ОСТАНЕ ВО ПРИТВОРНа вчерашниот протест против насилство врз жените и фемицид пред Владата во Скопје говореше Бети Ангеловска, мајка на истепаната девојка. (Фото: К. Попов)

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола поднесе обвинение против битолчанецот кој ја претепа девојка си, а по приведувањето побегна од полициската станица. Тој се товари за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, односно повреда нанесена при вршење семејно насилство.

Како што соопштија од Обвинителството, обвинетиот на 10 ноември во неговиот дом во Битола телесно ја повредил неговата девојка. По вербална расправија меѓу нив, ја удирал по лицето со тупаници и шамари, па ја стегал за вратот и устата, со што ѝ нанел површинска телесна повреда и неколку нагмечувања и крвни подливи.

Обвинетиот во моментов е во 8-дневен притвор кој му истекува на 25 ноември, а Обвинителството бара од судот мерката да му биде продолжена.

„Обвинетиот во текот на постапката за прибирање докази беше обезбеден со мерка притвор, имајќи ги предвид ризиците тој да се обиде да го избегне кривичниот прогон и да го повтори насилното однесување. Притоа Обвинителството ги ценеше информациите дека тој непосредно по настанот избегал од полициска станица и неколку дена не бил достапен. Сметајќи дека овие ризици и натаму постојат, јавниот обвинител со поднесеното обвинение му предложи на судот да ја продолжи притворската мерка“, сооопштија од Обвинителството.

На вчерашниот протест против насилство врз жените и фемицид пред Владата во Скопје говореше Бети Ангеловска, мајка на истепаната девојка. Таа кажа дека насилникот една години ја тепал нејзината 21-годишна ќерка, а одреден му е само 8-дневен притвор.

„За неколку дена насилникот ќе биде слободен и кој ќе го заштити тогаш моето дете? Осум дена притвор за една година тепање девојка. Имам слики од претепаното дете, кои кога ќе заврши истрагата ќе ги објавам. Нема да дозволам никогаш повеќе да биде претепана од тој насилник. Бараме сите деца да бидат заштитени, тоа е работа на полицијата“, рече Ангеловска на протестот.

Денеска од 12 часот протест ќе се одржи во Охрид, откако 31-годишниот Кристијан Корабоски на 15 ноември ја претепа до бесознание и ја остави на улица девојка му, 26-годишна Сара Ѓорѓиеска, по што доби 30 дена притвор.

А. АНТЕВСКА 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира