КУЛТУРЊАЦИТЕ КАКО ПЛАТЕНА ВОЈСКА НА МИНИСТЕРКАТА БЕТИ ЗА НАПАД НА СОБРАНИЕТО

    КУЛТУРЊАЦИТЕ КАКО ПЛАТЕНА ВОЈСКА НА МИНИСТЕРКАТА БЕТИ ЗА НАПАД НА СОБРАНИЕТОЕден од насилниците во организираниот напад на Собранието ѝ бацува рака на министерката за култура во техничката влада и пратеничка Елизабета Канческа-Милевска (лево); Водачите на „За заедничка Македонија“, Игор Дурловски, Борис Дамовски и Богдан Илиевски на пртестот пред нападот на Собранието на 27 април (десно) (Фото: СДК.МК)

    Јавни личности од културата, истакнати уметници од сите области се во првите редови на граѓанските иницијативи што во име на „одбрана на Македонија“ се активираа последниве две години. Нивните пароли и тези се во одбрана на политиките на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и ги застапуваат ставовите што оваа политичка партија ги пропагира во изминативе години на изразена политичка криза во земјата. Уметниците се во Граѓанско движење за одбрана на Македонија (ГДОМ), во „Македонски манифест“, во „За заедничка Македонија“.

    Многумина од демонстрантите, како и од организаторите на „За заедничка Македонија“, кои упаднаа во Собранието на 27 април се културни работници, вработени или хонорарци во институции под надлежност на Министерството за култура кое ги троши народните пари од буџетот на Република Македонија. Актерите Владо Јовановски, управникот на МОБ Игор Дурловски, режисерот Борис Дамовски и националниот уметник Елена Мисиркова се само мал дел од нив.

    Министерката за култура во техничката влада и пратеничка Елизабета Канческа-Милевска за време на организиранот напад на Собранието се поздравуваше и се прегрнуваше со насилниците во пленарната сала. На видеоснимка се гледа дека еден од нив ѝ бацува рака, а таа се гушна и со еден со фантомка на главата.

    За водачите на „За заедничка Македонија“, Борис Дамовски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Игор Дурловски МВР побара од Скопското обвинителство одредување притвор или одземање на патните исправи, зашто се обезбедени докази дека биле организатори и водачи на нападот во Собранието  на 27 април. МВР бара од Основното јавно обвинителство под итно да бидат повикани на сослушување.„МВР до надлежното ОЈО достави и посебно известување за организаторите на протестите за евентуалното натамошно постапување на обвинителството околу целосното расчистување на случувањата од 27.04“, стои во соопштението на МВР од 30 април.

    Она што е заедничко за повеќето уметници експонирани во одбраната на политиките на ВМРО-ДПМНЕ е изразената финансиска поддршка од буџетот, што тие на различни начини ја добиваат од Владата и од Министерството за култура, како и поддршка во нивната уметничка кариера добивајќи водечки места во институциите и по фестивалите.

    Оперскиот бас Игор Дурловски од 2015 година е управник на Македонската опера и балет. Тој со сопругата, сопранистката со меѓународна кариера Ана Дурловски, како првенци беа вработени во МОБ од 2008, иако работеа во Германија. Тогаш беше речено дека за МОБ е така е поевтино отколку да се плаќаат нивните гостувања кога ќе настапат, еднаш или два пати во сезоната во Скопје. Од пред две години тие се вратија од Германија и се првенци во Операта, професори на Факултетот за музичка уметност, а Ана Дурловски ја доби и титулата национален уметник што подразбира 60 илјади денари месечен надоместок до крајот на животот.

    Режисерот Борис Дамовски во уметничката кариера е најпрепознталив по анимираниот ТВ серијал „Еднооки“, што почна да се емитува на „А1“, потоа на „Канал 5“, па на „Сител“, и веќе не се продуцира. Во 2010 година тој од тогашниот Филмски фонд доби 12.000.000 денари за првиот анимиран долгометражен филм, „Оаза“, кој не го реализираше. Претходно има добиено и 400.000 евра за документарец кој исто така не го реализираше. Дамовски со неговата продукција „Контрабанда“  е еден од носителите на серијалот на МТВ за 20 години од независноста на Македонија кој имаше над 20 епизоди, а се јавува како автор на поголем број документарци финансирани од Владата преку МТВ  посветени на историјата на Македонија.

    Во експонираните уметници во, како што тие велат, „одбраната на татковината“ е и актерот Владо Јовановски, кого публиката го препознава по главниот водич во владиниот ТВ проект, „Истражи ја Македонија“. Тој е вработен во МНТ и е еден од најангажираните актери во театар, на филм и ТВ.

    Пијанистката Елена Мисиркова-Лоза која е во најтесната група на органзизаторите на „За заедничка Македонија“, годинава  ја обезбеди високата награда „11 Октомври“ што носи до националната пензија. Таа ја има и почесната функција, амбасадор на македонската култура во Австрија, каде што главно живее.

    Актерот Васил Зафирчев кој во неколку наврати се обрати на собирите на  движењето „За заедничка Македонија“  е уметнички директор на Велешкиот театар, од 2010 година, како и уметнички директор на Рациновите средби. Тој има големо учество во фестивалот „Стоби“ каде што редовно како и на матичната сцена, со својот редовен соработник, писателот и драматург Сашо Димовски се финансиски поддржани за по неколку копродукциски проекти.

    Актерот Ванчо Петрушевски, пред пензионирањето ја доби државната награда „Климент Охридски“ со што обезбеди национална пензија. Актерот Гоце Тодоровски кој исто така е на страната на граѓаните кои велат оти ја бранат земјата, не успеа во тоа.

    Актерот од Струмичкиот театар Крсто Јовановски, е член на ВМРО ДПМНЕ и е пратеник во новиот состав, а со основањето на театар Комедија доби вработување во Скопје. Неговата ќерка е вработена во Министерството за култура.

    Меѓу најекспонираните на трибините и митинзите на ГДОМ од минатата година, чии пароли беа главно како што велеа самите против федерализација и против Специјалното јавно обвинителство, беа и режисерот Љубиша Георгиевски, драматургот Братислав Димитров, актерите Зоран Љутков и Тони Михајловски.

    Љубиша Георгиевски (79) се обрати и на еден од последните собири на движењето „За заедничка Македонија. Тој е истакнат македонски театарски и филмски режисер, професор во пензија, поранешен дипломат и претседател на Собранието на Македонија.  Георгиевски речиси секоја година добива режија во некои од театрите иако покрај завидната кариера во минатото, новите поставки немаат добар прием кај публиката. Сепак, тој како еден од најугледните режисери доби и највисок хонорар од 30 илјади евра за свој текст и режија, на пример во 2014, за една од двете претстави што ги постави таа сезона. Во тој период тој режираше свои текстови: „Евангелие по глупоста“ во Драмски театар и „Геноцид“, негов текст од пред речиси 20 години, во Битола. Следната сезона ја режираше „Аферата Елсинор“ во МНТ, а потоа „Кристифор Колумбо“ во Драмски. Претстави без речиси никаков одглас во јавноста.

    Актерот Тони Михајловски во ноември, 2015 стана уметнички директор на Македонскиот народен театар и изјави дека е член на ВМРО ПМНЕ. Според финансискиот план за работа на јавниот сервис МРТВ што во 2016 го усвои Собранието продукцијата која што ја реализира емисијата на Михајлвоски „Опуштено”  добива 98.000 евра годишно.

    Актерот Петре Темелковски, кој е активен во ГДОМ, е уметникот кој ги има добиено сите три државни награди кои обезбедуваат национална пензија, „11 Октомври“, „23 Октомври“ и „Климент Охридски“. Тој е 11 години директор и селектор на Македонскиот тетарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и ги има споено двата хонорари од овие две, некогаш разделени функции, па тоа изнесува околу 10 илјади евра годишно. Темлковски од Министерството за култура добива по минимум една монодрма во годината, проекти кои најмногу му лежат.

    Актерот Зоран Љутков беше уметнички  директор на Драмски театар, и си даде оставка во 2014. Тој е директор на Фестивалот на античка драма „Стоби“ и од оваа година селектор на драмската програма на Охридско лето, функции кои имаат завидни  годишни хонорари.

    Драматургот Братислав Димитров е од 2015 година директор на Театарот за деца и младинци. Тој е член на управните одбори на тетарските фестивали „Војдан Чернодрински“ и на Фестивалот на комедија во Куманово. Со режисерот Јани Бојаџи на неколку години се менуваат во жирито на „Чернодрински“, каде што редовен претседател е писателот Васе Манчев. Димитров на овој фестивал пред 4 години е награден за текстот „Ноќите во бел сатен“ изведен во Велешкиот тетатар. На отворен конкурс Димитров победи, и со неговата комедија „Најважната работа на светот“ во 2014-та година беше отворена и новата зграда на театарот во Велес, а режисер беше Љубиша Георгиевски. Претставата не доживеа ни пет изведби.

    Жугиќ лани на Фејсбук повика полицијата да пука со гумени куршуми врз демонстрантите на Шарената револуција, а изјави и дека родителите на Тамара се криви за нејзината смрт

    Меѓу оние кои се гласно и посветено на страната на политиките на ВМРО ДПМНЕ е и актерката Јелена Жугиќ која е директорка на театар Комедија од неговото основање, а под оваа институција е и фестивалот „Гола месечина“ што се одржува во Општина Аеродром.

    Директорот на Драмскиот театар Роберт Вељановски е главен водител на сите партиски и државни јавни настани, а неговото име се јави и во донаторите за партијата, што потоа го негираше. Тој беше и на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ на изборите на 11 декември, 2016, но не стана пратеник.

    Директорот на Охридскиот театар, актерот Горан Стојаноски, кој беше директор на Центарот за култура, потоа го доби мандатот на директор на новоформираниот професионален Охридски театар, во 2011 година, а од следната година оваа институција почнува со градба на сопствен објект на местото на старото кино „Бавча“.

    Неодамна со остра реторика се огласи и академик Митко Маџунков на темата двојазичност. Од  тезите на академикот кој пак, е често член на комисии за доделувње државни награди се огради претседателот на МАНУ, Таки Фити.

    Писателите Ефтим Клетников, Стефан Влахов Мицов и диригентот Запро Запров се членови на „Македонски манифест“ и  велат дека се борат за одбрана на уставното името на земјава.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира