Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски денеска го потпишa решението за избори на 5 јуни, но странските гарантори на Договорот од Пржино се сомневаат дека во Македонија има услови за веродостојни избори. Вељаноски ова го најави на 7 април по распуштањето на Собранието.
Доцна синоќа, САД испратија уште една порака дека сериозно е доведена способноста на Македонија да организира кредибилни избори. Даниел Бер, амбасадорот на САД во Постојаниот совет на ОБСЕ во Виена синоќа изјави дека „одлуката на претседателот Иванов сериозно ја доведува во прашање способноста на земјата да одржи веродостојни избори на 5 јуни, чиј оригинален датум веќе беше одложен“.
„Вознемирени сме од извештаите за одмазда кон граѓанските организации кои изразиле загриженост поради заплашување на гласачите и замаглување на границата меѓу државата и партијата, изјави амбасадорот Бер.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски вчера објави дека неговата партија ќе оди на избори на 5 јуни, без разлика на тоа што ќе одлучи СДСМ.
„Ние не можеме да чекаме. Државата е поделена по сите основи. И тоа мора да запре. Наша одговорност е да решаваме кризи. Избори мора да има и ќе има“, рече Груевски.
Државната изборна комисија (ДИК) задолжена за спроведување на изборите молчи неколку дена. Не е познато до каде е процесот за чистење на Избирачкиот список како еден од условите за спроведување веродостојни избори.
Во центарот на Скопје синоќа пак имаше протести и контрапротести. Според неофицијалните информации еден демонстрант е приведен, а неколку полицајци се полесно повредени во вчерашните инциденти.
Протестите се организирани од граѓански здруженија.