ТАЛЕСКИ ЌЕ СЕЧЕ ПАРК СТАР 40 ГОДИНИ ЗА КРУЖЕН ТЕК СО СПОМЕНИК – ПРОТЕСТ ВО БИТОЛА

    ТАЛЕСКИ ЌЕ СЕЧЕ ПАРК СТАР 40 ГОДИНИ ЗА КРУЖЕН ТЕК СО СПОМЕНИК – ПРОТЕСТ ВО БИТОЛАВо паркот-шума се наоѓаат повеќе стебла од липи и брези за кои станарите од зградите велат дека ги штитат од загадувањето на фреквентната сообраќајница, - од протестот против сечењето на дрвјата на улицата Прилепска во Битола (СДК.МК)

    Не даваме да ни го сечат паркот кој го засадивме пред 45 години, порачаа станарите од повеќе згради на улицата Прилепска во Битола. Тие денес протестираа по најавите дека службите од јавното претпријатие “Комуналец” ќе им ги сечат дрвјата пред зградите заради изградба на кружен тек во чиј центар ќе има споменик од илинденецот Александар Турунџиев.

    „За денес ни најавија дека ќе ги сечат дрвјата што ги садевме пред 40 години. Ние ги одгледувавме толку време. Тие се душата на овој реон, воздухот го чисти, прашината ја запира. Што ќе постигнат со тоа што ќе ги исечат дрвјата и ќе го упропастат местото? Или сакаат да докажат дека ете имаат власт и можат да направат што сакаат. Наместо да го одржуваат паркот, тие го уништуваат“, рече битолчанката Елена Атанасова.

    Во паркот се наоѓаат повеќе стебла од липи и брези кои станарите од зградите велат дека ги штитат од загадувањето на фреквентната сообраќајница. Битолчани велат дека сообраќајницата со новото решение ќе им минува директно пред зградите. Велат немаат ништо против текот, но да се помести, да не им минува директно под балконите.

    „Најавено ни е дека ќе се сече поголем дел од дрвјата. Бараме да се ревидира проектот и кружниот тек да биде во помал обем и да остане зеленилото. Тоа е заштита од прашината, издувнуте гасови, прашината. Планирано е да се сечат околу 15 дрвја, но спотед бележаното се повеќе“, рече битолчанецот Тодорчо Митев.

    Станарите најавија дека ќе побараат од Советот и од Општината одлагање на проектот, а ќе се обратат и до Антикорупциска комисија дали во предизборие може да се спроведуваат вакви проекти.

    Од Општината изјавија дека изработен е сообраќаен проект од експерти и запазени се законските прописи за обемот на кружниот тек. Од таму велат дека споменикот е готов и се очекува да се направи текот. Воедно потврдуваат дека издадено е решение за комуналните служби да ги сечат дрвјата.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира