Епидемиолози од Институтот за јавно здравје денес зеле дополнителни мостри за анализа од градскиот водовод во Гостивар, откако над 300 жители на градот и околните села изминативе три дена побарале лекарска помош поради стомачни болки, повраќање, пролив и малаксаност. Министерството за здравство соопшти дека со овие дополнителни анализи ќе се испитува квалитетот на водата од градскиот водовод во однос на бактериолошката исправност, а ќе се направи и физичко-хемиска анализа за да се утврди дали има резидуи од пестициди.
„Резултатите од анализите се очекуваат на почетокот на следната недела“, велат од Министерството за здравство.
Овие анализи се прават за да се утврди дали масовното труење на гостиварчани е од водата во градскиот водовод, откако вчера Државниот санитарен и здравствен инспекорат кажа дека луѓето не се затруле од храна, бидејќи епидемиолошките анализи укажуваат на тоа дека пациентите не се хранеле на исто место.
Директорката на ДСЗИ д-р Ирина Сотирова Бухова вчера рече дека не ја исклучуваат можноста дека станува збор за труење од друг извор, бидејќи сите пациенти имаат исти симптоми, а и бројот на заболени е голем.
Само завчера ноќта во инфективното одделение на гостиварската болница биле лекувани 110 пациенти, а ноќеска лекарска помош побарале 60 лица.
Засега сѐ уште нема резултати дали стомачната болест кај пациентите е предизвикана од вирус или бактерија, иако првичните анализи направени во гостиварската општа болница „д-р Ферид Мурат“ укажале на тоа дека станува збор за бактерија.
„Но, кај пациентите не е изолирана бактерија“, рече вчера д-р Гојарт Сулејмани, директор на гостиварската болница.
Тој кажа дека пациентите по добиената терапија заминуваат дома и дека засега нема пациент со потешки компликации од болеста.