Солунскиот градоначалник Јанис Бутарис пред 4 години првпат како градоначалник дојде во официјална посета на Македонија и тогаш ја македонската јавност откри дека има влашки корени, од Крушево. Бутарис, во разговор за сега згаснатиот весник „Вест“, тогаш рече дека неговите врски со Македонија се сентиментални, не само поради потеклото на мајка му и неговиот дедо по татко кои потекнуваат од Крушево, туку и поради многубројните пријатели.
„Врските со семејството во Крушево со време се изгубени, но јас трипати бев да ги посетам. Ја видов и куќата на мојот дедо. Бев многу горд. Тоа се моите корени“, рече тој.
Бутарис е роден во Солун пред 75 години, син на винарот Стелиос Бутарис и Фани Влахос, Влаинка од семејството Ничота од Крушево. Дипломирал хемија на Универзитетот Аристотел во Солун, а магистрирал енологија на Институтот за вино во Атина. Речиси 30 години работел во семејната винарија „Бутари“, а во 1998 ја формира сопствена та винарија „Кир-Јани“.
При посетатата на Македонија во декември, 2013 со љубов зборуваше за убавините на Крушево и за успехот на луѓето од градот.
„Годинава учествував на прогласување на најдобар студент од Американскиот колеџ во Солун. Не знаев дека тоа ќе биде студентка од Крушево. Бев многу горд на нејзиниот успех“, рече тој.
Тој рече дека никогаш не крие дека неговите родители се Власи, но жали што не го зборува јазикот на неговите предци. Тој со иста страст зборуваше и за пријателите во Македонија, успешни бизнисмени, како што е Штерјо Наков, кого го знае уште од 1991.
Бутарис тогаш рече дека себеси не се смета за политичар туку само за градоначалник и дека во иднина очекува не само Грците да инвестираат во Скопје, туку и македонските бизнисмени во Солун.