До Нова година амбулантите во затворите во Идризово и Шуто Оризари ќе ги преземе Здравствен дом Скопје, кој за околу 2.000 затвореници треба да обезбеди медицинска грижа и заштита како што е организирана во слободното општество.
Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствен дом Скопје, вели дека вчера заедно со претставници од Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и од Управата за извршување на санкции ги посетиле амбулантите во казнено поправниот дом Идризово и во затворот Скопје, за да се договорат како ќе се одвива начинот на преземање на амбулантите. Тој кажа дека преземањето на амбулантите треба да заврши до почетокот на следната година.
„Сега го договараме начинот за преземање на амбулантите и начинот на финансирање. Има еден предлог здравствените услуги да ги покрива ФЗОМ, затворениците да станат осигуреници на Фондот, а осигурувањето да го плаќа Управата за извршување на санкции. Вториот предлог е здравствената услуга во затворите да се плаќа преку посебна програма и посебни буџетски средства. Неделава имаме преговори со Фондот за буџетот за наредната година и ќе видиме што од тоа ќе договориме“, вели Мехмедовиќ.
Со измените на Законот за извршување санкции, кои беа донесени во 2013, здравствената заштита во затворите требаше да ја преземе Министерството за здравство, кое треба да обезбеди примарно ниво на здравствена заштита. Овие законски измени требало да се применат 30 дена по нивното донесување. Министерството за здравство лани се правдаше дека процедурата за преземање на затворските амбуланти е во процедура и дека тоа ќе се случи на почетокот на оваа година.
- ВО ЗАТВОРИТЕ СЕ УМИРА ОТИ ВЛАСТА ТРИ ГОДИНИ ЈА КОЧИ РЕФОРМАТА
- МИНИСТЕРОТ ТОДОРОВ ТРИ ГОДИНИ ПРЕБРОЈУВА КОЛКУ ЛЕКАРИ ФАЛАТ ВО ЗАТВОРИТЕ
- ПОЧИНАТИОТ ЗАТВОРЕНИК НА ОБДУКЦИЈА, СЕ ИСПИТУВА КАКО ГО ТРЕТИРАЛА ЗАТВОРСКАТА АМБУЛАНТА
За лошите услови во амбулантите во затворите во целата држава постојано алармира Народниот правобранител Иџет Мемети. Тој укажува дека непостоењето соодветна здравствена заштита во овие установи се плаќа со човечки животи. Во многу затвори низ земјава нема ниту еден лекар.
Мехмедовиќ вели дека во затворот во Идризово во моментов има само една општа лекарка, која работи во една смена и две медицински сестри. Во метадонскиот центар во Идризово терапија со метадон примаат 250 зависници меѓу затворениците.
„Во моментов во затворската аптека нема фармацевт и тоа мора да се промени, бидејќи за септември се требувани лекови во вредност од 6.000 евра што воопшто не е малку. Планираме да има две амбуланти, односно една во Идризово и една во Шутка. Во секоја амбуланта да има два општи лекари, кои ќе работат во две смени, еден специјалист, две медицински сестри, стоматолог, гинеколог и психолог. Сите специјалности ќе може да ги покриеме со пресонал од Здравствен дом, но за гинеколог ќе мора да склучиме договор со некој од приватните лекари, или да ангажираме гинеколог од некоја од јавните здравствени установи“, вели Мехмедовиќ.
Тој вели дека условите во затворските амбуланти се лоши, но дека нема да прават поголема реконструкција, бидејќи во кругот на Идризово во тек е изградба на болница, каде во иднина ќе треба да се сместат и затворските амбуланти.
„Просториите ќе ги исчистиме и бојосаме, ќе донесеме бироа и столици за лекарите. Имаат една просторија што ја нарекуваат стационар, но таму нема услови за стационар. Тоа е обична затворска ќелија, во која нема никакви услови за стационар. Новата болница што се гради во кругот на Идризово треба да биде готова 2020 година, и тогаш амбулантите ќе се префрлат во тој објект, кој се прави на местото на старата затворска работилница“, вели Мехмедовиќ.
Тој кажа дека ќе мора построго да се спроведат протоколите за делење на метадонска терапија во затворите, каде се лекуваат 250 зависници, бидејќи и покрај строгиот начин на делење на терапијата, затворениците наоѓаат начин да прават злоупотреби со добиената терапија.
„Според нашите проценки еден лекар ќе треба да се грижи за 750 затвореници, што е сосем доволно, ако се има предвид дека матичните лекари опслужуваат и по 3.000 пациенти, но овде работата е во поинакви услови. Сега во Идризово има и стоматолог, но тој е анагажиран со договор. Откако ќе ги преземеме амбулантите од нашиот кадар од Здравствен дом ќе обезбедиме и стоматолог“, вели Мехмедовиќ.
Е.БОЧВАРОСКА