Со поход кон Собрание почна вечерашниот протест во Скопје. Шарената револуција денес соборува рекорди по број на градови во кои се протестира. Денес прв пат се протестира во Делчево, а на улица, покрај скопјани, излезени се и жителите на Штип, Велес, Прилеп, Тетово, Битола, Струмица, Радовиш, а од 19.30 часот најавен е ротест во Гевгелија. Крива Паланка и Облешево денес се приклучија на Шарената револуција со блокади на патиштата.
Поранешниот евроамбасадор во Македонија, Ерван Фуере им се приклучи на демонстрантите во Скопје, кои традиционално својот протестен марш го почнаа пред зградата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).
“Ги поддржувам овие луѓе кои достоинствено протестираат против кршењето на владеењето на правото и повредата на човековите права, кои се случуваат во земјата„ изјави поранешниот евроамбасадор.
Во моментот додека тој даваше изјава, пред СЈО се појави и специјалната обвинителка Катица Јанева, која бурно беше поздравена од насобраните граѓани. Таа само се насмевна и влезе во зградата каде што привремено е сместен нејзиниот тим.
Шарената револуција ја организира граѓанското здружение „Протестирам“. Тие бараат повлекување на одлуката за аболиција на сите оние против кои се води истрага и против кои е покренато обвинение од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), итна и неотповиклива оставка на претседателот Ѓорге Иванов, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, формирање специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО, итно повлекување на одлуката за одржување на парламентарни избори на 5 јуни, задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата и формирање на преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.