БИТОЛЧАНИ БАРААТ СУБВЕНЦИОНИРАНА ЦЕНА НА СТРУЈАТА ПОРАДИ ЗАГАДУВАЊЕТО ОД РЕК

    БИТОЛЧАНИ БАРААТ СУБВЕНЦИОНИРАНА ЦЕНА НА СТРУЈАТА ПОРАДИ ЗАГАДУВАЊЕТО ОД РЕКБитолчани мораат да имаат субвенционирана сметка за струја поради последиците што ги трпат од загадувањето од РЕК кој снабдува 75% од струјата за Македонија, велат активистите кои се организираат во граѓанска иницијатива (Фото: СДК.МК)

    Битолчани ќе бараат од државата да им даде субвенционирана тарифа за електрична енергија како еден вид обештетување за загадувањето на животната средина што го трпат, бидејќи процесот на производство на струјата се изведува на нивна територија. По протестите во изминатите години и нереализираните ветувања за топлификација со пареа од РЕК, сега граѓаните се сплотуваат околу идејата за субвенционирана цена на електричната енергија.

    Деновиве беше формирана и фејсбук група „24/7 субвенционирана тарифа“ која има за цел да изработи Предлог граѓанска иницијатива за целодневна субвенционирана тарифа на електрична енергија за жителите во Општините Битола, Новаци и Могила поради штетните влијанија од работењето на термоелектраната РЕК „Битола“ врз здравјето и животот на луѓето.

    „Формиран е тим од луѓе кои се стручни секој во својата област и несебично ќе помогнат во изработката на оваа предлог иницијатива. Ако веќе не можеме да имаме здрава животна средина која ни е и со Уставот загарантирана, минимум што треба да добиеме се субвенции, иако знаеме дека човечкиот живот со ништо не може да се субвенционира. Сакаме ова да се направи без партиски, верски, национални или било какви други предрасуди, бидејќи овој проблем не засега сите “, вели Драган Вељановски, еден од иницијаторите на идејата.

    Иницијативата наиде на голема поддршка меѓу битолчани. Настрана од неа, жителите се револтирани што на социјалните мрежи во последно време како борци против загадувањето се појавуваат и лица што во изминатиот период никогаш не го имаа подигнато гласот против аерозагадувањето, меѓу нив ексдиректори, а сега одеднаш почна да им пречи нечистиот воздух.

    За разлика од нив, субвенционирање на сметката за струја за битолчани и околните општини уште пред изборите предложи и независната група советници Поинаку.

    „Меѓу мерките во таканаречениот Закон за РЕК кој го предлагаме да биде донесен е и субвенционирањето на сметката за струја. Ние како дел од Советот на Општина Битола тоа ќе го побараме по институционален пат и на тој проблем ќе продолжиме да работиме, меѓутоа зачудува фактот зошто тоа досега не било предложено од централната власт од двете најголеми политички партии. Битолчани мораат да имаат субвенционирана сметка за струја поради последиците што ги имаме од загадувањето од РЕК кој снабдува 75% од струјата за Македонија“, вели Иван Чулаковски, познат активист од Битола за здрава животна средина и советник од Поинаку.

    И претставници од здружението „За нас се работи“ кои во изминатиот период ги организираа протестите за аерозагадувањето, на неодамнешната средба со претставници од РЕК побара итен одговор за субвенционирање од државата на одреден процент на цената на струјата за пелагониските општини.

    Ако се изработи Предлог иницијатива за субвенционирана струја ќе треба да се соберат потписи од граѓани, кои потоа ќе се достават до Парламентот или до надлежна комисија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира