ПЛАЧЕМЕ ОД ГЛАД, ВЕЛИ САМОХРАНА МАЈКА СО ТРИ ДЕЦА, ШТО ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ДОМ ВО КУМАНОВО

    ПЛАЧЕМЕ ОД ГЛАД, ВЕЛИ САМОХРАНА МАЈКА СО ТРИ ДЕЦА, ШТО ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ ДОМ ВО КУМАНОВОСАКАМДАКАЖАМ.МК на семејството Димитриевски ќе им ги донира подароците што ќе бидат собрани во големата новогодишна хуманитарна акција Елка на хуманоста, што е во тек во трговскиот центар Сити мол во Скопје, со која се собираат подароци и донации за децата од 12 социјално загрозени семејства од целава земја (Фото: СДК.МК)

    Самохрана мајка со три мали деца ќе остане на улица ако за дваесетина дена не обезбеди пари да плати кирија, и не го продолжи договорот за станот во кој живеат во Куманово. Благородна Димитриевска (33) и нејзините деца Лука (8), Лана (4) и Гаврил (2) не примаат ни социјална помош, иако веќе една година чекаат поддршка од државата како жртви на семејно насилство. Живеат од она што ќе им го дадат хуманите луѓе, кои од донации им ја платиле и киријата за последните 6 месеци.

    „Договорот ми е 10 јануари, ако не се најде некој да ми помогне да ја плаќам киријата ќе морам да го напуштам станот. Немам каде да одам. Очекував дека државата ќе ни помогне, да се сместиме во некој социјален стан и да најдам работа, а децата да ги носам во градинка. Наместо тоа, шест месеци чекам еднократна социјална помош, а уште ја нема ни постојаната парична помош, иако уредно ги поднесов сите документи“, вели Благородна.

    САКАМДАКАЖАМ.МК на семејството Димитриевски ќе им ги донира подароците што ќе бидат собрани во големата новогодишна хуманитарна акција Елка на хуманоста, што е во тек во трговскиот центар Сити мол во Скопје, со која се собираат подароци и донации за децата од 12 социјално загрозени семејства од целава земја.

    Проблемите на семејството Димитриевски започнале во 2015, кога сопругот почнал да пие и сите да ги малтретира. Да се спаси од насилството побегнала со децата и случајот го пријавила во МВР и Центарот за социјални работи во Куманово. Во тек е бракоразводна постапка и сопругот повеќе не им додева, но не плаќа ни алиментација.

    Без работа и без институционална поддршка, оваа жена тешко ќе се справи со сите проблемите кои ги носи секојдневието ниту, пак, може да им пружи нормални услови за живот на своите три деца.

    „Немаме пари за ништо. Овие памперси ми се последни. Фрижидерот празен. Им давам да јадат што ќе се најде. Сите се подготвуваат за празници, а ние немаме со што. Децата се нон-стоп по доктори, само лекарствата не можам да купам. Дополнителен проблем ми се неплатените сметки за струја и други давачки за станот, а немам ни доволно дрва за огрев да ја истуркаме зимата“, додава Благородна.

    Подароците и донациите за децата од семејството Димитриевски може да се остават под елката на САКАМДАКАЖАМ.МК на вториот кат во Сити мол

    Таа вели дека, како мајка, најмногу ја боли тоа што нејзините деца се лишени од сите задоволства кои ги имаат нивните врсници. Немаат доволно облека, ниту играчки.

    „Во саботата на Лука му беше роденден. Цел ден плачеше затоа што немаше да ги почести другарите, а и не го славиме роденденот во игроктека. Синоќа бевме во градот, кога видоа дека се е украсено за Нова година посакаа балони и елка. Плачеа тие, а со нив и јас од мака што не можам ништо да им купам“, вели мајката.

    Слушајќи го нашиот разговор, додека се играа со телефонот на мајка им, децата почнаа да се радуваат и да прашуваат кога ќе ги посети Дедо Мраз. Му порачаа дека биле добри и послушни цела година и затоа ги очекуваат неговите подароци.

    „Јас сакам Дедо Мраз да ни донесе пакетче со една кукла Барбика и едно големо чоколадо“, вели Лара.

    Првооделенецот Лука прво посака Дедо Мраз да му донесе куќа во која ќе има своја соба со компјутер, но по кратка пауза се премисли, па рече дека сака пакетче и велосипед, како што имаат неговите другари од одделението.

    Дигиталната редакција САКАМДАКАЖАМ.МК е меѓу 12-те медиуми кои ја почнаа големата новогодишна хуманитарна акција Елка на хуманоста. На вториот кат од трговскиот центар Сити мол поставени се 12 новогодишни елки, по една за секој медиум, а секој медиум има избрано семејство за кое ќе бидат наменети подароците. Пред секоја елка има податоци за колку деца станува збор од социјално загрозеното семејство и на која возраст се, што ќе им олесни на посетителите околу изборот за новогодишни подароци кои би ги донирале. Задолжените волонтери во кампањата се достапни за преземањето на подароците и дополнителни информации околу кампањата. Акцијата ќе трае до 4 јануари 2018, а пред Бадник и Божик, медиумите ќе ги посетат домовите на овие 12 семејства и ќе им ги врачат подароците.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира