УБЕДЕН СУМ ДЕКА ВО СПОРОТ СО ГРЦИЈА ЌЕ СЕ НАЈДЕ ДОСТОИНСТВЕНО РЕШЕНИЕ ЗА ДВЕТЕ СТРАНИ, РЕЧЕ ЗАЕВ

    УБЕДЕН СУМ ДЕКА ВО СПОРОТ СО ГРЦИЈА ЌЕ СЕ НАЈДЕ ДОСТОИНСТВЕНО РЕШЕНИЕ ЗА ДВЕТЕ СТРАНИ, РЕЧЕ ЗАЕВПремиерот Зоран Заев денеска беше во Струга по повод верскиот празник Богојавление - Водици (Фото: Официјален фејсбук профил на Зоран Заев)

    Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека е оптимист и верува оти ќе биде изнајдено решение за спорот за името кое ќе биде достоинствено и за Македонија и за Грција. Тој потврди дека веќе е договорена средба со неговиот грчки колега Алeксис Ципрас на 24 јануари во Давос.

    „Јас сум оптимист, верувам дека помеѓу две земји, кои се пријатели и имаат намера да бидат уште поблиски, ќе се изнајде решение каде ќе се сочува достинството на двете страни, а ќе биде придобивка за граѓаните на двете земји“, изјави Заев во Струга каде престојуваше по повод верскиот празник Богојавление – Водици.

    Тој истакна дека не би требало јавно да се зборува за рамката што е испорачана од посредникот во преговорите Метју Нимиц, за да не се уништат шансите во преговорите.

    „Се води транспарентен процес, сакаме национален консензус, да го изградиме решението и на крајот граѓаните на референдум да го потврдат, убеден сум дека ако бидеме внимателни, па и да водиме сметка и за грчката страна, ќе најдеме решение за ова прашање што нè измачува 25 години“, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања.

    Премиерот апелираше до граѓаните и до медиумите да имаат трпение околу ова прашање.

    „Сè што ќе правиме ќе биде проверено на референдум. И ние, и ДУИ, и ВМРО-ДПМНЕ, и другите политички партии, имаме или исти или приближни ставови по тоа прашањe. Ќе водиме грижа за нашиот идентитет, за достоинството на нашиот народ, но мораме да водиме грижа и за сегашните и за идните генерации“, рече Заев.

    Околу одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов да не го потпише Законот за употреба на јазиците, Заев рече дека сè што е донесено во Законот е во согласност со членот 5 од Уставот и дека доколку нешто не е во ред постои Уставниот суд.

    „Вредно е да се заложиме за едно опшество за сите, Македонија е мајка на сите граѓани, треба да подадеме рака, да имаме доверба во институциите. Доколку нешто не е согласно Уставот, постои Уставен суд, ќе се произнесе со мислење и Венецијанската комисија“, рече Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира