АКО ЗАГЛАВАТ ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ИМЕТО МОЖЕ ДА СЕ ВКЛУЧИ ДИПЛОМАТСКИ ТЕШКАШ

    АКО ЗАГЛАВАТ ПРЕГОВОРИТЕ ЗА ИМЕТО МОЖЕ ДА СЕ ВКЛУЧИ ДИПЛОМАТСКИ ТЕШКАШНа 6 февруари, Владата одлучи да го преименува скопскиот аеродром „Александар Велики“ во Меѓународен аеродром Скопје (Skopje International Airport) (Фото: Ѓ. Личовски)

    Преговорите во спорот за името меѓу Македонија и Грција ќе продолжат следната недела, а високи владини извори велат дека таа средба ќе биде нивниот вистински почеток оти ќе се влезе во суштината на преговарачкиот процес, за разлика од досега кога само се соопштувале позициите. Средбата ќе ја одржат министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коцијас со посредникот на ОН Метју Нимиц.

    На македонската страна има воздржан оптимизам за успехот на преговорите, со надеж дека решение за 25-годишниот спор може да се постигне многу брзо, веќе во март. Сепак, од Владата потенцираат дека станува збор за деликатен процес со деликатна преговарачка страна, и како во други слични примери низ историјата, може да се случи преговорите да пропаднат на чекор пред решението.

    Во таа смисла, високи владини извори велат дека ако при крајот на процесот преговорите заглават, можно е да се вклучи и некој дипломатски тешкаш, на пример од типот на покојниот Ричард Холбрук и Карл Билт кои посредуваа за потпишување на Дејтонскиот мировен договор за крај на војната во Босна во 1995. Конкретни имиња на евентуалниот „булдожер“ не се споменуваат.

    Се менува и името на автопатот „Александар Велики“ во „Пријателство“ (Фото: Ѓ. Личовски)

    Атина го блокира влегувањето на Македонија  во НАТО и се спротивстави на нејзината кандидатура за членство во ЕУ, бидејќи вели дека името Македонија имплицира територијална претензија врз грчкиот регион со исто име. На 4 јануари, по средбата на владиниот кабинет во Атина, грчкиот министер за надворешни работи Коцијас рече дека Грција сака оваа година да го реши деценискиот спор за името со Македонија.

    Премиерот Зоран Заев вчера на прес-конференција најави дека следната недела продолжуваат средбите на преговарачките тимови и рече дека времето е кратко и треба брзо да се делува. Тој  кажа дека како Влада ќе направат сè за да се најде решение на спорот за името, но не по секоја цена, а за промена на Уставот, како што бара Грција, рече дека тој е веќе променет во 1993.

    „Став на Владата е дека е прифатливо име со географска одредница. Тоа го темелам на внатрешната дебата која што ја имаме во Македонија. Достоинството и идентитетот се важни, јас сум убеден дека Македонија може со консензус по ова прашање да најде решение во интерес на иднината“, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција за 10-годишната стратегија за спортот.

    На прашање дали решението вклучува промена на Уставот, Заев рече дека тоа се ставови на Грците, но дека ние имаме други ставови и услови.

    „Македонија го промени својот Устав во 1993 година и тоа е голем чекор. Во моментот, сè што правиме е да докажеме дека Македонија нема никакви аспирации, иредентистички побуди. Многу е важно да успееме, мило ми е што имаме пријателски односи. Секако постојат радикални структури и тука и во Грција, но треба да направиме се да се изнајде решение“, рече Заев.

    На 6 февруари, Владата одлучи да го преименува скопскиот аеродром „Александар Велики“ во Меѓународен аеродром Скопје (Skopje International Airport). Се менува и името на автопатот „Александар Велики“ во „Пријателство“.

    Промената на името на аеродромот и автопатот беше најавено од премиерот Заев на 24 јануари по средбата со грчкиот премиер Алексис Ципрас на Светскиот економски форум во Давос.

    Скопскиот аеродром беше преименуван во „Александар Велики“ на 27 декември 2006, со владината одлука, на чело со тогашниот премиер Никола Груевски. Всушност, со таа одлука почна процесот кој во македонската јавност е именуван како „антиквизација“ на Македонија. Две години подоцна, исто така со владина одлука, автопатот беше именуван „Александар Велики“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира