ВЛАДАТА ГО ПОДДРЖА ПРОТЕСТОТ НА НОВИНАРИТЕ ПРОТИВ ВЛАДАТА

    ВЛАДАТА ГО ПОДДРЖА ПРОТЕСТОТ НА НОВИНАРИТЕ ПРОТИВ ВЛАДАТА„Еден режим испративме нема да дозволиме да дојде нов. Ако сега не реагираме, утре може да биде доцна“, рече Селмани на протестот пред Владата. - На протестот се обрати и министерот Поповски. (Фото: М. Златевска)

    Новинарите денеска протестираа пред Владата поради заканите и навредите упатени од високиот функционер на ДУИ Беќир Асани кон претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани.

    На протестот на новинарите дојдоа и владините функционери министерот без ресор одговорен за комуникации, транспарентност и отчетност Робер Поповски, Зоран Бојаровски дел од кабинетот на Поповски, портпаролот на Владата Миле Бошњаковски, како и советникот на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, Петрит Сарачини кој рече дека дошол на протестот како новинар.

    Претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници Тамара Чаусидис рече дека заканите и навредите од страна на високи припадници на ДУИ кон Селмани, се напад врз сите новинари.

    „Бараме да се обезбеди полициска заштита за Селмани оти станува збор за закани од лице кое има минат труд во однос на насилство врз новинари и лица со кои не се согласува. Бараме од Обвинителството да постапува по службена должност, а институциите да си ја вршат својата должност, а не да излегуваат со соопштенија“, рече Чаусидис.

    Претседателот на ЗНМ Насер Селмани рече дека протестот не е само поради заканите врз него туку дека новинарите постојано се изложени на притисоци и затоа што се врши цензура во телевизиите.

    „Не прифаќаме објаснувања дека во Владата има добри и лоши дечки, не прифаќаме во Македонија да има две влади. Владата има обврска да ги замолчи насилниците. Еден режим испративме нема да дозволиме да дојде нов. Ако сега не реагираме, утре може да биде доцна. Не им се плашам, не му се плашев на Никола Груевски кога неговите силеџиите им се закануваа на моите деца. Не им се плашам на насилниците на ДУИ и оние кои седат во иста влада со нив“, рече Селмани.

    Министерот Поповски рече дека Владата го осудува секој напад врз новинари и дека слободата на медиумите е она за што оваа влада се залага а цензурата не смее да се случува.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира