Со кредит од Европската банка за обнова и развој во висина од 10 милиони евра Скопје догодина ќе добие 40 нови автобуси на гас, најави денеска градоначалникот Петре Шилегов.
Кредитот ќе биде со каматна стапка од 1 отсто, 3 години грејс период и 7 години рок на отплата. Тендерот ќе биде распишан на есен а до крајот на годинава се очекува да биде избрана фирмата од која ќе бидат набавени. Предвидено е 2/3 да бидат зглобни нископодни со капацитет за 150 патници, а остатокот единечни. Според проценките на Градот и ЈСП„Сопје“ заштедата која ќе ја има претпријатието со новите автобуси на гас споредбено со кинеските дизел е 60 евра од еден автобус дневно, односно годишно со набавката на 40 автобуси ќе се заштедат од 700.000 до 900.000 евра.
„Целта на оваа набавка е Скопје да добие модерен јавен транспорт, кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот. До сега низ Скопје пробно сообраќаа неколку еко автобуси од различни производители. Имавме три автобуси на гас и еден електричен автобус. Целта беше да стекнеме искуства и најдобро да оцениме кој тип на автобус е најсоодветен за сообраќајот. Автобусите на гас се покажаа како најсоодветни за градот. Споредено со потрошувачката на старите дизел- автобуси, овие автобуси трошат речиси двојно помалку гориво, што дополнително ќе ги намали трошоците на ЈСП. Најголемата предност е тоа што речиси воопшто не го загадуваат воздухот“, рече градоначалникот Шилегов.
Шилегов рече дека набавката на овие автобуси значително ќе го подобри функционирањето на „ЈСП Скопје“ и ќе ги намали трошоците на неговото работење, бидејќи 202 автобуси, што беа набавени пред 7 години се со лош квалитет, истите често се расипани, а во случајот со кинеските автобуси, поради непостоење на овластен застапник не постои можност за нивна сервисна и техничка поддршка.
А. АНТЕВСКА