НЕ СУДЕЊЕ ТУКУ ИТНА ПОМОШ ЗА МАЛОЛЕТНАТА МАЈКА КОЈА ГО ОСТАВИ БЕБЕТО, БАРААТ АКТИВИСТКИТЕ ЗА ЖЕНСКИ ПРАВА

Ќе се гони малолетната мајка што си го остави новороденчето пред Домот за доенчиња во Битола, а активистките за права на жената велат дека е несфатливо како од сите можни виновници за непосакуваниот исход, иако детето било оставено токму пред институција која е законски задолжена да го згрижи, МВР одлучува да покрене обвинение и најголемата вина да ја лоцира во најслабата алка, односно во дете што нема наполнето 18 години

НЕ СУДЕЊЕ ТУКУ ИТНА ПОМОШ ЗА МАЛОЛЕТНАТА МАЈКА КОЈА ГО ОСТАВИ БЕБЕТО, БАРААТ АКТИВИСТКИТЕ ЗА ЖЕНСКИ ПРАВАВо Домот за доенчиња има и соба за мајки, како и можност тие тука да се задржат месец пред и три по породувањето. - Домот за доенчиња во Битола каде што беше оставено дететео - (Фото: СДК.МК)

Наместо да се тужи и суди малолетната родилка од Тетово која го остави бебето пред Домот за доенчиња во Битола, време е да се почне системски да се работи за поддршка на жените и девојчињата што се соочуваат со непланирана бременост, бараат активистките за права на жената, по најавите од полиција дека малолетната мајка кривично ќе се гони. Од СВР Битола најавија дека против тетовчанката која пред една недела си го оставила штотуку роденото бебе пред Домот за доенчиња во Битола, веќе е подготвена кривична пријава за запоставување на дете.

Вработените во последните две децении не паметат друг случај на оставено дете пред вратата, другите во Домот ги носеле родители и роднини запазувајќи ја стандарната процедура.

„Во состојба кога немаме речиси никаква системска поддршка за жени и девојчиња жртви на насилство, вклучително и сексуално, немаме речиси никакво сексуално образование, абортусот е отежнат, а жените што прекинуваат бременост се стигматизирани како чедоморки, и институционалните услови за одгледување деца од самохрани родители се ужасни, општеството е настрвено да ги стигматизира, исклучува, изложувајќи ги нив и нивните деца на уште поголем ризик од насилство”, вели Ана Василева од „Бори се женски“ (Фото: Фејсбук)

Според извори од битолската полиција, тетовчанката веќе дала изјава во полициската станица во Тетово. Таму кажала дека заедно со маж и жена во неделата дошле со такси до Битола и го оставиле детето. Од тетовската полиција не откриваат детали. Портпаролот Марјан Јосифоски рече дека било процедура сите прашања да се достават писмено  преку официјалната е-пошта на МВР, па ако дозволат надлежните ќе ни биде одговорено. Прашања доставиваме, но одговор до објавувањето на текстот не добивме.

Ана Василева, феминистка и членка на неформалната иницијатива „Бори се женски“, за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека случајот со младата родилка од Тетово повторно на површина ја донесе склоноста кон стигматизација на жените од институциите и општеството во целост. За неа е несфатливо како од сите можни виновници за непосакуваниот исход, иако детето било оставено токму пред институција која е законски задолжена да го згрижи, системот, односно во случајот МВР, одлучува да покрене обвинение и најголемата вина да ја лоцира во најслабата алка, односно во дете што нема наполнето 18 години?

„Во состојба кога немаме речиси никаква системска поддршка за жени и девојчиња жртви на насилство, вклучително и сексуално, немаме речиси никакво сексуално образование, абортусот е отежнат, а жените што прекинуваат бременост се стигматизирани како чедоморки, и институционалните услови за одгледување деца од самохрани родители се ужасни, општеството е настрвено да ги стигматизира, исклучува, изложувајќи ги нив и нивните деца на уште поголем ризик од насилство”, вели Василева.

Таа апелира до институциите наместо да ја тужат и судат родилката, што побрзо да ѝ обезбедат психо-социјална поддршка и помош.

„Да направат проценка на нејзината околина, доколку се оцени дека е изложена на некаков ризик од насилство, веднаш да ја отстранат од заканувачкото опкружување. Да ја информираат за опциите што ги има, па ако реши да го задржи детето да ѝ се пружат услови да го одгледува, а доколку не, да се најде семејство за посвојување или згрижување”, вели Василева.

Статистиката покажува дека во европските земји бременоста кај деца под 18 години се движи околу 6,5 проценти, а кај нас стапката се искачува до 20 отсто. Според Државниот завод за статистика,  во 2016  се породиле 26 девојчиња  на возраст до 15 години. Бројот на родилки од 15 до 18 години  годишно се движи над 1.300. 12 проценти од родените бебиња  во Македонија се вонбрачни.

Истражувањето на Асоцијацијата ,,ХЕРА” покажа дека само 1,6 проценти од младите до 29 години користат антибеби пилули, а само 3 проценти од паровите било каква друга контрацепција.

Неодамнешното истражување на Организацијата на жени од Битола, кое опфати 400 самохрани мајки, покажа дека невработеноста кај 90 проценти е прв проблем со кој се соочуваат при одгледувањето деца (Фото: СДК.МК)

И покрај постоењето на толкав голем број невладини организации во земјава, ниедна не работела на темата како да им се помогне вонинституционално на мајките, а пред сè на младите девојки кога ќе се најдат пред толку тешка одлука во животот, да не можат да го задржат своето бебе.

Во Домот за доенчиња во Битола, единствена институција во државата која ги згрижува сирачињата до 3 години, во моментот згрижува 70 деца. Дел од нив вонбрачни, оставени од малолетни мајки. Родителите кои ги известиле институциите дека ќе ги остават децата во Домот, добиваат помош од Центрите за социјална работа.

„Центарот за социјални работи како старателски орган има и советодавна улога, па преку стручен тим составен од психолог, педагог и социјален работник нуди психо-социјална поддршка за родителите. Се влијае за се разубедат и да го задржат детето, се испитуваат причините зошто сакаат да се откажат од него, па како да им се помогне. Има случаи кога стручните служби успеале да ги разубедат родителите да ги земат децата назад“,  велат од Центарот за социјални работи.

На интернет станицата на Домот за доенчиња пишува дека имаат и соба за мајки,  како и можност тие тука да се задржат месец пред и три по породувањето. Но, досега јавноста не била известена дека во Домот престојувале и мајки. Од таму велат дека имаат лекар, воспитувач, физиотерапевт, а психологот само што заминал во пензија. Сите тие се обидуваат на мајките и децата да им создадат услови да се чуватвуваат пријатно и сигурно.

Една од причините поради кои родителите се откажуваат од децата е и невработеноста. Неодамнешното истражување на Организацијата на жени од Битола, кое опфати 400 самохрани мајки, покажа дека невработеноста кај 90 проценти е прв проблем со кој се соочуваат при одгледувањето деца.

„Тоа укажува дека самохраните мајки сè уште се на маргините на општеството. Кога немаш финансиски средства не можеш да го подигниш детето. Финансиските трошоци се големи. Недостига економската независност на жената да може за себе и за децата да гради подобар живот“, велат од Организацијата на жени.

Ж. ЗДРАВКОВСКА

 

 

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира