Градоначалникот на Ново Село Боро Стојчев, кој доби казна затвор од 18 месеци, се враќа во притвор до правосилноста на пресудата, одлучи Апелацискиот суд од Штип, откако Јавното обвинителство се жалеше на донесената пресуда од Струмичкиот суд тој да се брани од слобода сè до правосилноста.
Стојчев минатата недела беше ослободен од притвор, но по жалба на јавниот обвинител штипска апелација денеска донесе одлука градоначалникот да се врати во притворското одделение во Прилеп сè до правосилноста на пресудата, но не повеќе од 60 дена.
Градоначалникот Стојчев кој беше фатен како шверцува цигари, минатата недела од Струмичкиот суд доби казна затвор од 18 месеци. Неговата сопруга доби условна казна, а синот и внукот казна затвор од 12 месеци. Петото лице кое имало за задача да го набљудува теренот доби 8 месеци казна затвор.
Сите тие на главната расправа ја признаа вината, откако Јавното обинителство го преиначи обвинението од Занимавање со криумчарење во ,Обид за криумчарење непријавена стока, и имаат право на жалба единствено за висината на казната.
На 10 јули Стојчев со неговите најблиски, со две возила кај селото Бадилен на локалитетот Попова Чука на два километри од бугарската граница, беа фатени од струмичката полиција како превезуваат 33 илјади кутии цигари од марката „калипсо“ во вредност од над 50.000 евра.
В. ТРАЈКОВ