Преполните контејнери и корпи, ѓубре расфрлено околу нив, диви депонии сред населби, пластични шишиња, кеси и отпад низ тротоарите, е сликата на Скопје и по една година од мандатот на градоначалникот Петре Шилегов.
Токму за хигиената во градот Шилегов е најмногу критикуван од граѓаните. Секојдневно на социјалните мрежи граѓани поставуваат слики од полни контејнери, валкани улици, тротоари и паркови. Амбасадорите во земјава постојано организираат акции за чистење на градот, актери и граѓани собираат ѓубре и чистат депонии низ населбите.
Градоначалникот Шилегов за САКАМДАКАЖАМ.МК својата работа околу хигиената на градот во првата година од мандатот ја оценува како задоволителна, но не перфектна како што тој сака и треба. Но, прстот го посочува кон општинските градоначалници кои смета дека недоволно ги завршуваат нивните комунални обврски.
„Делот што е под ингеренции на Градот има задоволително, но не перфектно ниво на хигиена како што јас сакам да го има во Скопје. Не сум задоволен, особено не сум задоволен од активностите кои ги имаат моите колеги градоначалници на Општините. Евидентна е нивната негрижа и незаинтересираност. Затоа еднаш неделно кога се гледаме тоа е предмет на анализа и моето укажување кон нив е дека мора да ги подобрат перформансите на општините кои се однесуваат на чистотата на делот од градот кој што според законските прописи го имаат тие. На крајот на денот на граѓаните им е совршено сеедно чија ингеренција е местото каде живеат, дали е на Градот или Општината, тие не добиваат доволно чисти населби и доволно квалитетен град за живеење“, вели Шилегов.
За решавање на проблемот со хигиената Шилегов вели дека работат на подобрување на перформансите со тоа што наскоро ќе бидат набавени нови контејнери со чипови и нови возила за подигнување на комуналниот отпад. Вели дека зголемен е бројот на подигнато ѓубре во односн на лани за 17 отсто во првите шест месеци, како и бројот на инспекциски контроли и пишани казни на граѓани.
„Мора да кажеме дека и не баш коректно кон сопствениот град се однесуваат граѓаните затоа што не може секаков отпад, секаде да фрлаат. Затоа што ако вие сте го зголемиле за 17 проценти подигнувањето на комуналниот смет, сте отвориле три локации за депонирање на кабаст отпад, сето тоа резултира со зголемено валкање на градот. Токму и затоа е моето барање за комунална полиција, зголемен е инспекцискиот надзор и како никогаш до сега имаме зголемени казни и чистење на дивите депонии“, вели Шилегов.
Во моментов во Скопје има 4.500 контејнери, а според проценките на Градот реалната потребата е од најмалку 7.000. Ѓубрето пак од контејнерите се собира со 26 камиони, а за миење на улиците има само 6 камиони за разлика од пред 30 години кога улиците се миеле со 40 возила.
А. АНТЕВСКА