УНГАРИЈА НЕ МУ ПОМОГНА НА ГРУЕВСКИ ДА ИЗБЕГА ОД МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ ОРБАН

    УНГАРИЈА НЕ МУ ПОМОГНА НА ГРУЕВСКИ ДА ИЗБЕГА ОД МАКЕДОНИЈА, ВЕЛИ ОРБАНМВР распиша меѓународна потерница по Груевски на 13 ноември, два дена откако тој веќе стигнал во Унгарија каде побара политички азил

    Ниту унгарската држава, ниту унгарските власти му помогнале на Никола Груевски да избега од Македонија, соопшти попладнево кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан за бегството на осудениот пратеник и експремиер кој во Будимпешта побара политички азил.

    „Спротивно на претпоставките и на лажните вести кои беа објавени во медиумите, ниту унгарската држава, ниту унгарските власти му помогнале а Никола Груевски да ја напушти Македонија. Никола Груевски изрази намера да поднесе барање за азил во едно од унгарските претставништва во странство. Од безбедносни причини, унгарските власти овозможија поднесувањето на барањето и интервјуто на Никола Груевски, кој беше македонски премиер десет години, да бидат во седиштето за Канцеларијата за азил и имиграција во Будимпешта. Канцеларијата за азил и имиграција постапува по барањето за азил согласно унгарскиот закон и во хармонија со меѓународните закони. Исто така, во согласност со унгарските правни процедури и со меѓународната практика, додека процедурата не се заврши унгарските власти немаат право да обезбедат дополнителни информации во врска со процедурата за азил. Нагласуваме дека Никола Груевски е во Унгарија легално, во согласност со законските одредби кои се однесуваат на процедурата за азил, се вели во соопштението од Кабинетот на Орбан.

    Од кабинетот на унгарскиот премиер не ги демантираат информациите дека Груевски со македонската лична карта и унгарското дипломатско возило на 11 ноември од Албанија преку Црна Гора влегол во Србија и оттаму на 12 ноември стигнал во Унгарија.

    Премиерот Зоран Заев денеска кажа дека очекува и Груевски и Унгарија да кажат дали тој е во бегство или е киднапиран. Рече и дека уште на 13 ноември министерот за внатрешни работи на Унгарија се јавил кај Спасовски и потврдил дека Груевски е таму и дека барал азил и оти тие остануваат наши пријатели.

    „Секоја амбасада и дипломатско возило се екстериторијалност и од тој аспект јавно прашувам дали е во бегство или е киднапиран“, рече Заев без да образложи врз основа на што ги темели сомнежите за можно киднапирање.

    Груевски се јави од Будимпешта на 13 ноември и кажа дека бара азил од унгарските власти. Ден претходно, македонската полиција го бараше дома, кај мајка му и во гаражата кај партиското седиште во центарот на Скопје. Тој на 9 ноември требаше да се пријави во затворот во Шутка на издржување на двегодишна затворска казна за „Тенк” на СЈО за набавката на мерцедесот од 600.000 евра.

     

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира