АКО ГРУЕВСКИ ЗАМИНЕ ОД УНГАРИЈА ВО ДРУГА ЗЕМЈА НА ЕУ МОЖЕ ДА БИДЕ УАПСЕН

    АКО ГРУЕВСКИ ЗАМИНЕ ОД УНГАРИЈА ВО ДРУГА ЗЕМЈА НА ЕУ МОЖЕ ДА БИДЕ УАПСЕН„Ако отпатува во друга земја на ЕУ, без оглед што Унијата нема граници, таа држава може да го уапси, бидејќи по него има распишано меѓународна потерница, да го стави во екстрадиционен притвор и да ѝ се обрати на државата која го бара“, вели експерт од МВР. - Никола Груевски (архивска фотографија/Ѓ. Личовски)

    Избеганиот осуден експремиер Никола Груевски, кој од властите во Унгарија доби политички азил, не може да патува во државите на Европската унија од Шенген зоната, а уште помалку во оние членки на ЕУ (Велика Британија, Ирска, Швајцарија и Лихтенштајн) кои се надвор од зоната, бидејќи може да биде уапсен и ставен во екстрадиционен притвор.

    Груевски со азилантската исправа што ја добил од Унгарија, бидејќи пасошот му е во Основниот суд Скопје 1, може да отпатува само во земји надвор од Шенген зоната, значи никако во членки на ЕУ и само во земји со кои Македонија нема склучено договор за екстрадиција.

    Експерт од МВР за САКАМДАКАЖАМ.МК го објаснува статусот на Груевски и можностите за негово напуштање на Унгарија и опциите каде може да се движи без да биде приведен и ставен во екстрадиционен притвор.

    „Прво, не треба да се прави заблуда во јавноста дека Никола Груевски во Унгарија има статус на бегалец, бидејќи не бега од држава во која има војна. Впрочем и во образложението со кое барал и му е одобрен азилот, стои дека бега од закани по животот. Тоа е долга процедура за докажување дека некој сакал да те убие и не знам за два дена како го докажал тоа за да му дадат експресно азилантски статус, но тоа е проблем на унгарските власти“, вели соговорникот, кој сакаше да остане анонимен затоа што во МВР има интерна истрага за пропустот со бегството на Груевски.

    Тој објаснува дека исто како кај нас, и во земјите на ЕУ чија членка е Унгарија, статусот бегалец ужива повисок степен на заштита, што не е случај со Груевски.

    „Избеганото осудено лице Груевски бидејќи не можел да побара статус на бегалец, побарал супсидијарна заштита, каде се содржани другите причини: миграција од економски причини, политички прогон, закани по животот и друго, што подразбира понизок степен на заштита од државата која го примила и му дала азил. Груевски со тој документ треба да се движи само во Унгарија. Ако отпатува во друга земја на ЕУ, без оглед што Унијата нема граници, таа држава може да го уапси, бидејќи по него има распишано меѓународна потерница, да го стави во екстрадиционен притвор и да ѝ се обрати на државата која го бара. Ќе не прашаат зошто го бараме, праќаме документација и докази, праќаме барање за екстрадиција. Таа држава го екстрадира назад во Македонија“, вели соговорникот од МВР.

    Тој потенцира дека не постои универзален азил во ЕУ и воопшто. Секоја држава си одлучува самостојно во давањето азил на пребеганите странци на нејзина територија. .

    „Движењето низ ЕУ е регулирано со шенген бордер код, а азилот е регулиран во секоја земја поединечно. Но ако по добивањето на азил во Унгарија Груевски отиде сепак во земја на ЕУ, се повикува на Даблинскиот договор и бара втор азил таму, тогаш таа земја не го става во екстрадиционен притвор, туку го враќа во државата која му дала веќе азил, во случајов во Унгарија. Што значи, подобро да не пробува такво нешто“, вели овој експерт од МВР.

    Според неговото долгогодишно искуство, на Груевски ни Унгарија не му е сигурна, не само што нема статус на бегалец, туку и дека почнува процедура за екстрадиција, но и дека по извесен период, според меѓународните и законот за азил на Унгарија, по извесно време неговиот статус властите треба да го преиспитаат и да утврдат дали сè уште има причини да го има тој статус што му го дале.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира