ЦИПРАС ЈА ПРИФАТИ ОСТАВКАТА НА КАМЕНОС, ЌЕ БАРА ГЛАСАЊЕ ЗА ДОВЕРБА НА ВЛАДАТА

    ЦИПРАС ЈА ПРИФАТИ ОСТАВКАТА НА КАМЕНОС, ЌЕ БАРА ГЛАСАЊЕ ЗА ДОВЕРБА НА ВЛАДАТАМинистерот за одбрана Панос Каменос поднесе оставка во знак на протест против договорот за името со кој беше ставен крај на долгогодишниот спор со Македонија (Фото: АП)

    Грчкиот премиер Алексис Ципрас ја прифати оставката на министерот за одбрана Панос Каменос и изјави дека неделава ќе побара гласање за доверба на владата во Парламентот. Тој најави дека адмиралот Евангелос Апостолакис, шеф на грчкиот генералштаб, ќе го замени Каменос на местото министер за одбрана.

    Каменос поднесе оставка во знак на протест против договорот за името со кој беше ставен крај на долгогодишниот спор со Македонија.

    Левичарската Сириза на Ципрас има 145 пратеници во Парламенот со 300 места, а десничарска партија Независни Грци на Каменос има 7 и на премиерот ќе му треба помош од опозицијата за да се ратификува Договорот од Преспа. На прес-конференција денеска Каменос призна дека е сигурен само за три гласа, неговиот и на уште двајца пратеници, од кои едната е заменик-министерката за одбрана Марија Колиа-Царуча, која ќе даде оставка заедно со него. Двајца други пратеници, од кои едниот е сојузник кој не е член на партијата, одамна изјавија дека ќе гласаат за Договорот од Преспа.

    Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров денеска рече дека по веста за заминувањето на Каменос имал кореспонденција со грчкиот министер Јоргос Катругалос, кој го уверил дека владата на Ципрас е силно посветена во исполнување на обврските на Договорот од Преспа.

    Откако Собранието на Република Македонија на 11 јануари ги усвои уставните измени согласно Договорот од Преспа со кои името на земјата е Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност, грчкиот Парламент треба да го ратификува Договорот, со што ќе се деблокира постапката за влез на Македонија како 30. членка на НАТО.

    Ципрас рече дека планира изборите во Грција да се одржат најдоцна до октомври.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира