ДОКАЖЕТЕ ДЕКА ВИЕ НЕ СТЕ ПРИСЛУШУВАЛЕ, ГО НАПАДНА МИЈАЛКОВ СВЕДОКОТ КОСТОВСКИ, СУДОТ УКАЖА ДЕКА НЕ МУ СЕ СУДИ НА СВЕДОКОТ, ТУКУ НА САШО

    ДОКАЖЕТЕ ДЕКА ВИЕ НЕ СТЕ ПРИСЛУШУВАЛЕ, ГО НАПАДНА МИЈАЛКОВ СВЕДОКОТ КОСТОВСКИ, СУДОТ УКАЖА ДЕКА НЕ МУ СЕ СУДИ НА СВЕДОКОТ, ТУКУ НА САШОСудењето за масовоното прислушување продолжува следниот месец со уште едночасовно поставување на вкрстени прашања од обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков. (Фото: СДК.МК)

    Во продолжение на вкрстените прашања од обвинетиот ексдиректор на УБК Сашо Мијалков во случајот „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување на граѓани од 2009 до 2015 година, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, го праша сведокот и свиркач Звонко Костовски од УБК дали и тој прислушувал.

    „Дали некогаш сте ја искористиле привилегијата како администратор на системите за следење за вие да маркирате телефонски броеви?“, го праша Мијалков.

    „Не, таа техничка можност ја користевме само за тестирање на опремата во УБК“, одговори овој клучен сведок во „Тврдина-Таргет“ на СЈО.

    „И сега сакате да нѐ убедите на ’чесен збор‘ дека не сте ја искористиле таа можност?“, му рече Мијалков, а на тоа повторно не реагираа ни судот, ни обвинителите од СЈО.

    Дури кога обвинетиот го праша: „Имате ли доказ дека не сте ја искористиле можноста да маркирате и прислушувате лично вие?“, реагираше само судијката од организиран криминал Џенета Бегтовиќ, која рече: „Ама ве молам, не е обвинет сведокот и не му се суди нему, за вакви прашања да поставувате“, по што ова прашање не беше дозволено.

    Тоа беше во делот Мијалков да се обиде да го девалвира сведокот-свиркач Звонко Костовски дека според него, и тој нелегално прислушувал, а тоа го ставил на одговорност на тогашното раководство на УБК и на Петтата управа, предводена од обвинетиот ексначалник Горан Грујевски, кој е избеган подолго време во Грција.

    Претходно со вкрстени прашања Мијалков се обиде да го девалвира сведокот-свиркач за третиот најнов систем за прислушување во УБК, тоа е ИП Системот, кој бил пуштен во употреба во јануари 2015 година.

    „Спорно е што велите дека додека сте биле на работа, ИПС не бил пуштен во употреба, а од друга страна во директното испитување пред овој суд сте кажале дека биле следени комуникации преку него со судска наредба. Што е точно? Работел тој нов систем, или не?“, праша Мијалков.

    „Кажав и пак ќе повторам. Корисничките сметки за сите корисници во системот, маркирачи, репродуцери и останати, јас ги креирав, но не беа дадени ни на началникот Горан Грујевски, ни на началничката Надица Николиќ. Останаа на хартија. Затоа велам дека системот не беше пуштен во употреба, додека не се изработат сите кориснички имиња, односно сметки, за сите корисници во системот. Јас кажав дека со судска наредба може да бидат маркирани лица и на стариот и на новиот систем, но во новиот, тоа да биде само за тест, да се види неговото функционирање“, рече инженерот Костовски.

    Судењето продолжува во мај со уште едночасовно поставување на вкрстени прашања од обвинетиот Мијалков.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира