КОРИСНИК „ДИР“ МОЖЕ ДА БИДЕ И ДИРХАН, А НЕ ДИРЕКТОР, МУ СУГЕРИРАШЕ МИЈАЛКОВ НА СВЕДОКОТ КОСТОВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“

    КОРИСНИК „ДИР“ МОЖЕ ДА БИДЕ И ДИРХАН, А НЕ ДИРЕКТОР, МУ СУГЕРИРАШЕ МИЈАЛКОВ НА СВЕДОКОТ КОСТОВСКИ НА „ТВРДИНА-ТАРГЕТ“Ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков денеска на судењето „Тврдина-Таргет“ за масовното прислушување го испрашува сведокот и свиркач Звонко Костовски. (Фото: СДК.МК)

    Сашо Мијалков, обвинет за масовно нелегално прислушување како директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, во Основниот суд Скопје 1 му поставува вкрстени прашања на сведокот-свиркач Звонко Костовски.

    „Рековте дека ако вработените имаат сомневање за некое лице, поднесуваат барање за следење до директорот на УБК. Дали сте виделе некое такво поднесено барање до директорот?“, праша Мијалков.

    „Не сум ги видел овие барања, ова ми го кажа Горан Грујевски, појаснувајќи ми каква е постапката“, одговори Костовски.

    „Значи, на рекла-казала го тврдевте тоа“, го потпраша Сашо.

    „Јас само кажав како рече тогашниот началник Грујевски“, одговори Костовски.

    „Можете ли да обезбедите едно такво барање?“, го праша Мијалков, а судот тоа го дозволи. Не реагираа ни обвинителите од СЈО.

    „Што сум јас овде? Тоа е работа на обвинител, на судот, кој сум јас и во какво својство можам да обезбедувам такви докази?“, возврати сведокот Костовски.

    Во обвинението стои и дека Мијалков како тогашен директор имал пасворд со кој од својот кабинет, односно компјутер, можел да влезе во системот и директно да следи која сака комуникација, па се обиде со прашања кон Костовски, ова да го побие.

    „Спомнавте за јузер ’дир‘. Дали со сигурност тврдите дека е тоа јузер на директор?“, праша тој.

    „Да. Сите други кориснички имиња беа со првите букви од името, од презимето на корисникот“, одговори инженерот Костовски.

    „Зошто тврдите дека ’дир‘ се однесува на директор? “, пак го праша Мијалков.

    „Па не знам некој што се вика на Дир“, кажа Костовски.

    „Дирхан на пример“, му рече Мијалков, по што се смееја сите во судницата, а Костовски опстоја на тоа дека јузерот бил само на директорот на УБК.

    „А дали имате доказ за ова?“, го праша Сашо.

    „Па да не ги уништевте системите со кои се прислушуваше, ќе имаше доказ. Јас не сум обвинител да наоѓам докази, јас само кажувам што сум видел“, му одговори свиркачот и сведок Звонко Костовски.

    „Рековте Небојша Стајковиќ давал инструкции по налог на Горан Грујевски, а по наредба на директорот Сашо Мијалков. Дали знаете дека постои комисија за такво нешто формирана и потпишана од министер за внатрешни работи? Знаете дека помошник министерот Стајковиќ беше претседател? Дали знаете дека директор на УБК не може да дава наредби на помошник министер и да му дава задачи?“, прашуваше Мијалков.

    „Не знам, не сум бил директор. Не знам дека постоела таква група формирана од министерката Јанкулоска“, му одговори сведокот.

    Судењето е во тек, Мијалков продолжи со вкрстените прашања.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира