Промоцијата на врските меѓу Велика Британија и Северна Македонија во образованието, животната средина и уметноста беа тема на вториот ден од посетата на британскиот принц Едвард, кој покрај официјалните средби со премиерот Зоран Заев и претседателот Стево Пендаровски, ги посети децата во една од градинките во кои УНИЦЕФ и британската Влада заедно со Министерството за труд и социјална политика работат на воведување нови иновативни начини за развивање на социо-емоционалните вештини и истрајност кај децата. Програмата за ран детски развој помага за развој на инклузивно однесување кај децата во претшколска возраст, како инвестиција за социјалната инклузија во иднина.
Најмладиот син на кралицата Елизабета Втора, при посетата на градинката присуствуваше на новите активности со кои низ игра им се помага на децата да стекнат вештини кои ќе им помогнат да препознаат широк опсег на емоции, да ги изразат и да управуваат со нив и активности низ кои децата учат како функционира нивниот мозок. Програмата исто така воведува нови начини за стимулирање на концентрација, контрола на импулсивност, самопочитување и самодоверба, општествена свест и вештини за негување на меѓучовечки односи – вештини што се важни за воспоставување на здрави односи во животот, како и за лична емоционална добросостојба.
Придружуван од министерот за надворешни работи Никола Димитров, принцот Едвард во Филхармонијата ја проследи презентациите на проектите во кои со помош на британска поддршка младите луѓе работат на изнаоѓање одржливи решенија за урбано планирање и биодиверзитет, одржлива мода, образовната програма „Училишта на 21 век“ спроведувана од Британскиот совет, како и претставата на инклузивната танцова група Еурека.
Посетата на принцот Едвард на земјава е точно 13 години откако тој ја отвори новата британска амбасада во Скопје на 16 мај 2006.