СЈО МОРА ДА ПОСТОИ ЗА ЗЕМЈАТА ДА ТРГНЕ НАПРЕД, ВЕЛИ ПОМОШНИК-ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР НА САД ФИЛИП РИКЕР

    СЈО МОРА ДА ПОСТОИ ЗА ЗЕМЈАТА ДА ТРГНЕ НАПРЕД, ВЕЛИ ПОМОШНИК-ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР НА САД ФИЛИП РИКЕР„Ќе продолжиме да збчоруваме со Владата за тоа, бидејќи сакаме да постои оваа институција, која е суштинска за движење на државата напред“, рече Рикер на распит во Сенатската комисија за надворешни работи откако сенаторот Боб Менендез праша дали има потреба САД да бараат ново назначување на специјален јавен обвинител оти мандатот на Катица Јанева истекува вгодина. (Фото: Глас на Америка)

    САД ќе продолжат да разговараат со Владата на Северна Македонија за потребата од постоење на Специјално јавно обвинителство (СЈО), изјави Филип Рикер, американски помошник државен секретар за Европа и Евроазија, за време на распит во Сенатската комисија за надворешни работи. Како што пренесе Гласот на Америка, Рикер ја истакна важноста на оваа институција, откако сенаторот Боб Менендез праша дали има потреба САД да бараат ново назначување на специјален јавен обвинител, со оглед на тоа што мандатот на Катица Јанева истекува вгодина.

    „Ќе продолжиме да зборуваме со Владата за тоа, бидејќи сакаме да постои оваа институција, која е суштинска за движење на државата напред“, рече Рикер.

    Тој нагласи дека Северна Македонија работела напорно за влез во НАТО, но сега на ред е Европската Унија да ја награди државата за исполнување на потребните реформи.

    „Бирократијата и патот да се утврди конкретен датум за пристапни преговори е нешто што зависи од земјите-членки на ЕУ. Што се однесува до САД, ние ја истакнуваме важноста за НАТО процесот, и очекуваме напорите на државата да ги видиме наградени. Веруваме дека и ЕУ ги има истите цели“, изјави Рикер во интервју за Гласот на Америка по распитот во Сенатот.

    Во четвртокот и Холандската влада кажа дека нема да даде согласност за датум за почеток на преговори на земјава за влез во ЕУ без да се реши статусот на СЈО.

    „Холандската влада ќе инсистира пред Европскиот совет да го постави брзото усвојување на Законот за Јавно обвинителство, со кој треба да се реши статусот на СЈО, како услов за одредување датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ“, изјавија вчера од Холандската амбасада во Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Сега датумот зависи од согласноста на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да го прифати предложениот закон за статусот на СЈО, со кој му се одврзуваат рацете да ги доврши почнатите истраги и да брка актуелна висока корупција. Министерката за правда Рената Дескоска не попушта, како што кажа, пред барањето за амнестија од преговарачите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ предводени од Антонијо Милошоски, кој и самиот е еден од осомничените во истрага на СЈО. Дескоска кажа дека ВМРО-ДПМНЕ бара целосно запирање на истрагите што ги отвори СЈО по 30 јуни 2017, а за кои има најдено докази и изјави од сведоци. Дескоска рече и дека внимателно следи и низа општи одредби на кои инсистира партијата на Мицкоски во законот, за да не се протне индиректна амнестија на осомничените лица во истрагите. Таа целосно го отфрли барањето на ВМРО-ДПМНЕ од каде што се повеќето осомничени во истрагите на СЈО, да има и одговорност на обвинителите што гонеле криминал по 18 месеци од приемот на бомбите, т.е. по 30 јуни 2017.

     

    Сенатската комисија за надворешни работи на САД потенцираше дека брзата ратификација на Протоколот за влез на Северна Македонија во НАТО ќе покаже не само дека САД стојат зад нешто што го поддржуваат, туку и дека НАТО е важна и силна Алијанса. Сенаторите сметаат дека итната реакција на САД ќе испрати порака до европските партнери да ја сфатат важноста од евроинтеграцијата на Северна Македонија, која ќе биде клучна не само за стабилноста на државата, туку и за целиот регион.

    Сепак, според нив, на државата и` останува работа да ја усоврши демократијата и порачаа членките на НАТО да ја повикаат целосно да ги адресира предизвиците, и процесот да го сметаат за завршен само кога ќе се исполнат сите реформи.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира