Ноќеска вицепремиерот и министер за здравство Никола Тодоров од ВМРО-ДПМНЕ на колешката од преговорите Радмила Шеќеринска од СДСМ ѝ испратил предлог текст за измени на Изборниот законик кој што партиите ги договорија завчера. Сега пратеничката група на СДСМ, која ќе се врати во Собрание, ќе ги разгледува предлозите и ако има разлики во текот на денот тие ќе се усогласуваат. Оттаму, законските измени ќе се подготвуваат во Собранието, а не во министерството за правда, велат извори од двете партии за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Се очекува претпладнево да има координација кај претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за да се договори закажувањето и текот на седницата, бидејќи до крајот на денот измените на Изборниот законик договорени завчера треба да се изгласаат.
Во Изборниот законик треба да се внесат измените кои се однесуваат на додавање одделен Избирачки список од 170.000 македонски државјани за кои се смета дека се во дијаспората, како и можност ДИК да ги брише оние гласачи меѓу тие 39.000 спорни кои ќе бидат повикани да се јават во рок од 20 дена, а нема да се пријават во тој рок.
Во измените треба да биде предвидено и ад-хок телото за контрола на медиумите. Оваа партиско тело треба да ги држи под контрола медиумите 100 дена пред избори и тоа треба да се озакони.
ВО Изборниот законик треба да стои и одредбата дека ако изборите се одржат во 2016 новата техничка Влада ќе биде изгласана во Собранието 100 пред датумот на изборите.