ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА КАЖЕ ДАЛИ КАТИЦА ЈАНЕВА Е ЗЛОУПОТРЕБЕНА ИЛИ ИНВОЛВИРАНА ВО ПРОЦЕСОТ, KАЖА ЗАЕВ ЗА РЕКЕТАРСКИОТ СЛУЧАЈ СО БОКИ 13

    ОБВИНИТЕЛСТВОТО ДА КАЖЕ ДАЛИ КАТИЦА ЈАНЕВА Е ЗЛОУПОТРЕБЕНА ИЛИ ИНВОЛВИРАНА ВО ПРОЦЕСОТ, KАЖА ЗАЕВ ЗА РЕКЕТАРСКИОТ СЛУЧАЈ СО БОКИ 13Заев вели дека токму последниот случај со Боки 13 покажал оти институциите во земјава работат слободно, без притисоци и влијанија како што било во времето на претходната власт.(Фото: СДК.МК)

    Премиерот Зоран Заев побара Јавното обвинителството да каже дали специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е вмешана во случајот со Бојан Јовановски-Боки 13 за изнудување пари. Заев попладнево во интервју за МИА кажа дека токму овој случај покажал дека институциите во земјава работат слободно, без притисоци и влијанија како што било во времето на претходната власт.

    „Правдата вака силно никогаш не се чувствувала во Република Северна Македонија. Како што чув од медиумите, одземен е телефонот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева за да се утврди дали постои конекција меѓу неа и првоосомничениот. Се работи за личност на висока позиција и тоа остава можност за политички шпекулации. Според мене, Јавното обвинителство треба да каже дали таа е злоупотребена или е инволвирана во овој процес“, рече Заев и додаде дека најважно е да се почитува пресумцијата на невиност и да се процесираат сите докази и индиции и да има фер и транспарентна постапка, во која Јавното обвинителство ќе ја информира јавноста за сите детали од постапката.

    Тој додаде дека и понатаму смета дека треба да се реши статусот на СЈО преку носење на Законот за јавно обвинителство бидејќи ова обвинителство има капацитет, истражители, но и поддршка од меѓународната јавност и очекува дека ќе се изнајде решение во многу брзо време.

    За обвинувањата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека високи претставници од власта заедно со Боки 13 учествувале во уценувањето на бизнисмени, Заев рече дека ако има докази за такво нешто треба да го пријави, а не да шпекулира со имиња.

    „Со јавни личности се среќаваме сите. Можете да видите слика на Боки 13 со мене и други општественици, пејачи, членови на опозицијата. Тоа не значи дека се инкриминирани или влезени во некаква структура на криминал“, додаде Заев.

    Заев ги повика сите поканети, меѓу кои и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, да присуствуваат на лидерската средба која ја закажа за в петок. Мицоски денеска на прес-конференција рече дека не гледа причина да учествува на лидерската средба, ако на неа не се се разговара за предвремени избори.

    Заев кажа дека веќе ги номинирал темите, оти е отворен и за други теми, да бидат предложени од политичките партии.

    „Да не гледаш причини зошто да дојдеш на лидерска средба каде што ќе се зборува за ЈО, а зборуваш за владеење на правото, борба против криминалот и корупцијата, го кажува сосема спротивното. Мицкоски не е за владеење на правото и за борба против криминалот и корупцијата. Ние докажуваме неприкосновеност во самостојноста на независните органи како што е ЈО и правосудството. Тоа се случува, тоа е наше секојдневие. Не гледам зошто тој не би гледал причина конечно да организираме попис во нашата земја, заради тоа што неговата политичка партија додека беше на власт ја направи нашата земја да биде една од ретките заедно со Сомалија и незнам кои, да нема попис“, рече Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира