Оставката на пратеникот Весел Мемеди од НДП, кој коалицираше со Алијансата за Албанците на Зијадин Села и на местата во собраниските комисии беше поставен како коалиционен партнер на СДСМ и ДУИ пред две години, направи проблем и го разниша мнозинството на СДСМ и ДУИ во работните тела на Собранието.
На денешната седница на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, претседателот Илија Димовски кажа дека никогаш кога се менувал распоредот на силите во Парламентот, не се менувал составот на комисиите. Патем, прочита писмо од Алијансата, која на местото на Весел Мемеди во сите комисии и работни тела на Собранието ја предложи Арта Точи.
Но, со тоа не се согласија пратениците од СДСМ и од ДУИ. Координаторот на ДУИ Ејуп Алими рече дека Алијансата, кога се формираше новото парламентарно мнозинство беше во него и оттаму ги доби местата, вклучително и местото на Мемеди.Тие места и припаѓаат на власта, т.е. на парламентарното мнозинство, и Алијансата која сега е во опозиција не е нивни газда.
„Во тој случај настанува апсурдна ситуација. ДУИ и СДСМ го губат мнозинството во сите работни тела на Собранието“, рече Алими според кого, со новиот распоред на силите во Парламентот треба и нов сооднос во комисиите.
ВМРО-ДПМНЕ од 49, сега брои 38 пратеници, но со составот во комисиите, заедно со опозициониот дел од Беса и Алијансата за Албанците, ги става во малцинство СДСМ и ДУИ скоро во сите собраниски комисии.
Само Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ од осум пратеници засега не бара ништо во Собранието.
Точката за измена на составот на работните тела на Собранието се одложи за утре.
С. К. ДЕЛЕВСКА