33 АВТОБУСИ НА ГАС ОД ГЕРМАНСКИ „МАН“ НАПРОЛЕТ ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕ

    33 АВТОБУСИ НА ГАС ОД ГЕРМАНСКИ „МАН“ НАПРОЛЕТ ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД ЈАВНИОТ ПРЕВОЗ ВО СКОПЈЕЌе бидат набавени вкупно 33 нископодни автобуси, 21 единечен со капацитет за 85 патници и 12 зглобни за 149 патници.- Градоначалникот Петре Шилегов, директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков денеска потпишаа договор со застапникот на МАН компанијата „Ауто Хрватска“ (Фото: Град Скопје)

    Догодина во мај во Скопје ќе стигнат 33 автобуси на гас од германскиот производител МАН. Градоначалникот Петре Шилегов и директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков, денеска потпишаа договор со хрватската компанија „Ауто Хрватска“ генерален застапник на „МАН“, кои победија на тендерот за набавка на нови еколошки автобуси.

    Ќе бидат набавени вкупно 33 нископодни автобуси, 21 единечен со капацитет за 85 патници и 12 зглобни за 149 патници. Според постигната цена на тендерот еден единечен автобус чини 263.000 евра, а зглобните по 334.000 евра. Набавката на новите еколошки автобуси чини 10 милиони евра, а парите се обезбедени преку кредит од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

    Директорот на ЈСП „Скопје“ Кристијан Чушков кажа дека во цената на набавката вклучено е редовно одржување во гарантниот период од три години, обуки на возачите како и неопходниот софтвер и алатки за користење на опремата.

    „Зглобните автобуси ќе овозможат превезување на речиси двојно повеќе патници од двокатните и имаат поголем простор за движење. Новите возила имаат пониска бучавост, полесно и поевтино одржување, поголем век на траење. Убеден сум дека сето ова ќе гарантира зголемен квалитет, пристап и безбедност на јавниот превоз, а граѓаните ќе добијат побрз и поквалитетен превоз“, рече Чушков.

    Со новите еколошки автобуси годишно ќе се заштедат 25.000 евра за гориво, во споредба со двокатните кинески и воопшто нема да загадуваат бидејќи емитуваат незначителна концентрација на ПМ честички.

    „Наша заложба е креирање јавен транспорт кој е економски ефикасен и не го загадува воздухот. Новите автобуси се во согласност со последните технолошки трендови во оваа индустрија и ги задоволува стандардите за емисија на ’еуро 6‘. Овој тип на автобус во Германија ја поседува ознаката ’Син ангел‘ и е прогласен за еко автобус за 2016 година во Европа. Пред 7 години беа набавени 202 двокатни кинески автобуси на дизел, кои чинеа премногу, а се со лош квалитет. Автобусите секојдневно се расипуваат. ЈСП има проблем со кинеските автобуси поради непостоење на овластен застапник, а со тоа нема сервисна и техничка поддршка“, рече Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари