АПЕЛАЦИЈА СКОПЈЕ НАМАЛИ УШТЕ ЕДНА ПРВОСТЕПЕНА ПРЕСУДА НА ОСНОВЕН СУД ВЕЛЕС ЗА СООБРАЌАЈКА, ОД 7 НА 4,5 ГОДИНИ ЗАТВОР

    АПЕЛАЦИЈА СКОПЈЕ НАМАЛИ УШТЕ ЕДНА ПРВОСТЕПЕНА ПРЕСУДА НА ОСНОВЕН СУД ВЕЛЕС ЗА СООБРАЌАЈКА, ОД 7 НА 4,5 ГОДИНИ ЗАТВОРТаксистот кој не застанал на знакот, возел пациенти на дијализа, жртвата имаше 23 години (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд од Скопје, затворската казна на таксистот  Љубе Трајковски (67 год) од Велес ја намали од седум на четири години и шест месеци затвор. Трајковски беше осуден за делото „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за предизвикана сообраќајка, која се случи на 10 февруари 2020 година, кога на железнички премин кај селото Ногаевци, додека минел преку пругата Градско – Велес, бил удрен од воз.

    При тоа почина Мартин Ѓорѓиев (23 год) од Ногаевци а тројца патници беа тешко повредни. Сите тие беа лица кои таксистот ги превезувал на дијализа.

    Основниот суд Велес, т.е.  судијката Габриела Гајдова, на 10 октомври лани изрече првостепена казна затвор од седум години. Таа при изрекувањето на пресудата кажа дека „обвинетиот не ја почитувал поставената сигнализација, преминал во налет преку преминот, наместо да сопре пред предупредувачкиот сообраќаен знак!“ .

    Според обвинителството делото е сторено со умисла, поради тоа што „обвинетиот секој понеделник, среда и петок, ги носел патниците на дијализа во велешка болница и знаел дека на критичното место има железнички патен премин и тука минува воз“. Осудениот Трајковски во текот на судењето ни малку не покажа сочувство. Мајката на починатото момче, Нада Ѓорѓиева по изрекувањето на пресудата рече дека возачот не се извинил, не изразил сочувство. Обвинетиот Трајковски тврдеше дека е невин, не се чувствуваше за виновен, а причини за сообраќајката наброи неколку.

    „Возот возеше брзо, ниту свирна дека доаѓа. Околу железничкиот премин кој е обраснат, има многу џбунови и дрвја, од кои нема прегледност дали идевоз или не“, рече Трајковски.

    Апелација одлуката за намалување на затворската казна ја засновала на возраста на осудениот. Бил роден 1956 година, бил пензионер и според судот, поблага казна би ја овозможила целта на казнувањето.

    Претходно минатиот месец Апелација Скопје на истата судијка Гајдова, ѝ ја намали казната за изречената првостепена пресуда за сообраќајката од 18 на 8 години затвор, во која почина 11-годишно девојче. Осудениот возач бил пијан, возел побрзо од дозволеното, сообраќајката ја сторил на пешачки и по настанот побегнал.

    П. ПЕЧКОВ

     

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира