АРХИТЕКТИ ОД ШПАНИЈА И БРАЗИЛ ЌЕ Ѝ ПОМАГААТ НА ОПШТИНА КАРПОШ ДА НАПРАВИ ПРОЕКТ ЗА РЕНОВИРАЊЕ НА САЛАТА „ПАРТИЗАН“

    АРХИТЕКТИ ОД ШПАНИЈА И БРАЗИЛ ЌЕ Ѝ ПОМАГААТ НА ОПШТИНА КАРПОШ ДА НАПРАВИ ПРОЕКТ ЗА РЕНОВИРАЊЕ НА САЛАТА „ПАРТИЗАН“Покрај враќање на сите спортски содржини во салата, со проектот ќе се предвиди и изведба на т.н. француско катче во знак на благодарност кон Франција за донацијата после земјотресот да се изгради оваа сала. (Фото: Општина Карпош)

    Двајца архитекти од Шпанија и Бразил ќе  ѝ помагаат на Општина Карпош да направи проект за реконструкција на спортската сала „Партизан“.

    Младите архитекти Томас Ромеро Талеј од Шпанија и Матеус Сартори од Бразил, преку невладината организација „Културно ехо“ дознале за иницијативата за обнова на сега руинираната и уништена спортска сала, која во минатото беше култно место во градот и понудиле волонтерски да помогнат да се направи проектот.

    „Тим од Општина Карпош, заедно со ‘Културно ехо‘ и двајцата архитекти веќе работат на идејното решение за салата, како и на програмско – содржинскиот концепт на истата, со цел да започне процесот на ревитализација штом ‘Партизан‘ се врати во сопственост на Општина Карпош. Покрај враќање на сите спортски содржини во салата, со проектот ќе се предвиди и изведба на т.н. француско катче во знак на благодарност кон Франција за донацијата после земјотресот да се изгради оваа сала“, велат од кабинетот на градоначалникот Стефан Богоев.

    Од Општината објаснуваат дека салата нема да се урива туку ќе се реновира бидејќи и проектантот Трајко Димитров и стручни лица оцениле дека статиката е добра. При обновата ќе се задржи автентичноста на објектот и намената на просторот.

    „Оваа сала е симбол на Скопје и ние ќе направиме сѐ да ја обновиме и овој објект повторно да биде култно место за младите во градот. Многумина мислат дека салата е оставена да се уништени за да може потоа да се градат станбени згради, но ги уверувам граѓаните дека тоа нема да се случи. За жал, како Општина немаме пари сами да ја обновиме, но ќе бараме помош преку странски фондови. Ако и тоа не успееме, ќе се собереме сите граѓани и сами ќе ја изградиме“, рече градоначалникот Стефан Богоев на 20 февруари кога салата ја посети францускиот амбасадор Кристијан Тимоние.

    Салата „Партизан“ е изградена во 1969 година, како донација на француската влада за обнова на Скопје после катастрофалниот земјотрес во 1963. Сега некогашната култна сала е разурната, искршена, во делови запалена, затрупана со бетон, цигли, ѓубре, шут, стакло и кога ќе влезете внатре помислувате дека во секој момент може целосно да се урне.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира