АРСОВСКА БАРА СОВЕТОТ НА ГРАД СКОПЈА ДА Ѝ ОДОБРИ КРЕДИТ ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА КУПУВАЊЕ 50 АВТОБУСИ

    АРСОВСКА БАРА СОВЕТОТ НА ГРАД СКОПЈА ДА Ѝ ОДОБРИ КРЕДИТ ОД 10 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА КУПУВАЊЕ 50 АВТОБУСИЗа да може да се спроведе оваа одлука на Арсовска, треба советнициите со мнозинство гласови да ја изгласаат одлуката за задолжување. (Фото: К. Попов)

    Град Скопје ќе земе кредит во висина од 10 милиони евра за да се набават 50 автобуси. На седницата на Советот на Град Скопје закажана за 26 јануари, како точка на дневен ред по барање на градоначалничката Данела Арсовска е задолжување кај домашна банка за набавка на еколошки автобуси.

    „Со цел дополнително да се поттикне визијата за  модерно Скопје, овозможувајки лесно достапен и современ јавен превоз, притоа водејќи грижа за квалитетот на живеење и животната средина, наша обврска и приоритет во работењето е да инвестираме во еко автобуси со цел поефикасно извршување на јавниот превоз. Со донесување на оваа одлука ќе се овозможи Град Скопје преку домашно долгорочно задолжување да изврши набавка на еко автобуси“, се вели во обраложението од градоначалничката Арсовска.

    За да може да се спроведе оваа одлука на Арсовска, треба советнициите со мнозинство гласови да ја изгласаат одлуката за задолжување.

    Арсовска во изборната кампања вети 250 нови автобуси, а задолжувањето од 10 милиони евра е само за 50 возила. Ако се изгласа точката, новите автобуси би се набавиле за година и пол, бидејќи толку трае процедурата и постапката. Прво треба да се распише тендер кој со повикот, изборот и периодот на жалба трае неколку месеци, а потоа фирмата која ќе биде избрана ќе треба да ги произведе автобусите.

    Град Скопје, односно ЈСП „Скопје“, веќе исплаќа кредит од 10 милиони евра за набавка на 33 автобуси на гас купени во времето на ексградоначалникот Петре Шилегов. Државата има земено кредит од 70 милиони евра за проектот Бас рапид транзит (БРТ) или автобуско метро кој Арсовска не го прави па затоа годишно се плаќаат 350.000 евра пенали.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира