Во автобусите на ЈСП „Скопје“ почна лепење напепници на седиштата на кои е забрането седење. Исто така налепници се поставуваат и низ подот на автобусите, со цел да се обележат местата каде треба да стојат патниците, доколку нема место за седење. Налепниците се лепат на секои второ седиште, и патниците не можат да седат еден зад друг, туку цик-цак.
На влезните врати и внатре во автобусот се поставуваат и налепници со кои се информираат граѓаните дека задолжително треба да носат маски при користење на јавниот превоз. Досега контролирање на бројот на патниците во автобусите и дали се почитуваат препораките за користење маски, го вршеа контролите на ЈСП „Скопје“.
„Утре контролорите од претпријатието заедно со полицајци од СВР Скопје ќе имаат вонредна контрола во автобусите дали патниците носат маски. За жал и покрај апелите и секојдневните контроли на контролорите на терен има граѓани кои одбиваат да носат маски. Вакви акции заедно со полицијата ќе има и во наредниот период“, велат од ЈСП „Скопје“.
Граѓаните кои ќе бидат затекнати без маски во автобусите ќе бидат казнети со 20 евра. Од претпријатието велат дека акцијата со полицијата ќе има и едукативен карактер односно на граѓаните ќе им се делат заштитни маски.
А. АНТЕВСКА