БЕСА ОСВОИ 12 СОВЕТНИЦИ ВО СОВЕТОТ НА ТЕТОВО, А ДУИ 11, ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ ИМААТ ИСТ БРОЈ КАКО НА ЛАНСКИТЕ ИЗБОРИ

    БЕСА ОСВОИ 12 СОВЕТНИЦИ ВО СОВЕТОТ НА ТЕТОВО, А ДУИ 11, ВМРО-ДПМНЕ И СДСМ ИМААТ ИСТ БРОЈ КАКО НА ЛАНСКИТЕ ИЗБОРИБЕСА синоќа славеше победа со зурли и тапани, но ќе нема стабилно мнозинство во Советот. (Фото: СДК.МК)

    По завршувањето на локалните избори за Совет на Општина Тетово и за градоначалници во Општините Маврово-Ростуше и Центар Жупа речиси сите партии слават победа. БЕСА се радува зошто ја победила ДУИ, ДУИ условно може да се каже дека е задоволна бидејќи сега има еден советник повеќе во однос на минатиот состав на Советот, ВМРО-ДПМНЕ се радува за победата над СДСМ во Тетово, СДСМ се радува зошто успеа да го задржи истиот број советници, но и дека го победила ВМРО-ДПМНЕ и добила свои градоначалници.

    Најголеми губитници на овие избори се Алијанса за Албанците и независната листа „За подобро Тетово“ на Хамди Сулејмани. Алијанса во минатиот состав имаше тројца советници, а сега не успеа да освои ниту еден. Исто ја снајде и независната листа „За подобро Тетово“ која имаше двајца советници и беше баланс помеѓу власта и опозицијата во Советот, но сега и таа не успеа да добие ниту еден мандат. На овие избори имаше две независни листи на граѓански иницијативи, но ниедна не успеа да влезе во Советот.

    На овие избори имаше две независни листи на граѓански иницијативи, но ниедна не успеа да влезе во Советот. (Фото: ДИК)

    Што се однесува до распоредот на силите во новиот Совет на Општина Тетово, не е направена некоја драстична промена. Од овие избори најмногу профитираше БЕСА која во минатиот состав имаше 8 советници а сега ќе има 12. Иако од БЕСА се радуваат на победата врз ДУИ, сепак ни ДУИ не помина така лошо бидејќи сега доби еден советник повеќе од минатиот состав и сега ќе има 11 советници, само еден помалку од БЕСА.

    И додека во албанскиот блок главната битка се водеше помеѓу БЕСА и ДУИ, во македонскиот блок политички партии традиционално натпреварот беше помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Иако ВМРО-ДПМНЕ прогласи голема победа врз ривалот СДСМ, бројките од изборните резултати кажуваат дека во однос на овие две партии ништо не се променило. ВМРО-ДПМНЕ ќе има 4 советници, а СДСМ 2 односно исто колку што двете партии имаа и во минатиот состав на Советот.

    ДПА ќе има еден советник, а во минатиот состав имаше двајца, а исто така еден советник ќе има и Алтернатива. Останатите 6 партии и две листи на граѓани не успеаја да добијат доволен број гласови за влез во Советот. Исто така, за одбележување е и податокот дека излезноста на бирачите беше околу 35% што е помалку во однос на последните избори.

    Советот на Општина Тетово брои 31 советник и ако се задржат истите коалиции како во минатиот состав, тогаш БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ и Алтернатива би имале 17 советници, а опозицијата составена од ДУИ, СДСМ и ДПА 14 советници. Ваквиот распоред на силите и релативно тесното мнозинство, ако евентуално не дојде до некои промени, не му дава голем комфор за донесување одлуки на актуелното мнозинство што навестува дека и во наредниот мандат ќе гледаме жестока борба помеѓу власта и опозицијата на локално ниво.

    Што се однесува до изборот на градоначалници за Општините Маврово-Ростуше и Центар Жупа тука победата на СДСМ е повеќе од очигледна иако во Центар Жупа имаше само еден кандидат, тој на СДСМ. За овие две општини уште поголема победа е што конечно успеаја да изберат градоначалници бидејќи во претходните два обида тоа не успеаја да го направат бидејќи излезноста на гласачите беше многу мала па не можеше да се постигне потребниот цензус за избор на градоначалник.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира