БИТОЛЧАНИ ЗАКАЧИЈА БАЛОНИ СО ЖЕЛБИ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ НА НОВОГОДИШНАТА ЕЛКА ПРЕД ОПШТИНАТА

    БИТОЛЧАНИ ЗАКАЧИЈА БАЛОНИ СО ЖЕЛБИ ЗА ЧИСТ ВОЗДУХ НА НОВОГОДИШНАТА ЕЛКА ПРЕД ОПШТИНАТАВо најбрз временски период да се санира мерната станица Битола 1, да нѐ заштити Општината од загадувањето, да ги спроведе мерките кои стојат во нечија фиока, бидејќи Општина Битола има донесено план за амбиентален воздух, побара на протестот независната советничка група Поинаку (Фото: СДК.МК)

    Балони со испишани пораки „Сакаме да дишеме“, „Чист воздух“ и други поврани со аерозагадувањето, на новогодишната елка пред општинската зграда во Битола беа поставени попладнево на граѓанскиот собир, на кој педесетина битолчани побараа итно преземање на мерки за чист воздух. Да се соберат ги повика независната советничка група Поинаку преку социјалните мрежи, апелирајќи наместо да седат на Фејсбук и да пишуваат колку е загадено да ги земат децата, мајките, татковците и други роднини и да побараат чист воздух.

    „Овде сме дојдени како граѓани, а не како политичари и советници и не ни е важно кој од која партија тука ќе дојде. Во најбрз временски период да се санира мерната станица Битола 1, да нѐ заштити Општината од загадувањето, да ги спроведе мерките кои стојат во нечија фиока, бидејќи Општина Битола има донесено план за амбиентален воздух. Доволен е тој да се реализира. Децата не можат да одат на училиште на ова загадување, вработените не можат да одат на работа, тешко е за старите лица. Но, ние не можеме да добиеме ни препораки од Министерство доколку не работат мерните станици“, рече Габриела Илиевска од Поинаку.

    Од вчеравечер, откако падна маглата, а и во текот на денешниот ден Битола е најзагаден град во земјава, според податоците од мерната станица Битола 2 во центарот на градот. Не работи Битола 1 која е на излезот од Битола.

    Од Општина Битола со соопштение кажаа дека се свесни оти во изминатите денови градот се соочува со зголемени концентрации на загаден воздух, кои предизвикуваат вознемиреност кај граѓаните. Велат дека секојдневно следат и изготвуваат извештаи за среднодневните концентрации на квалитетот на амбиенталниот воздух, а се раководот и според Уредбата за гранични вредности каде информирање и алармирање е предвидено ако во два последователни денови концентрациите се над дозволеното.

    „Според добиените податоци од Министерството за животна средина и просторно планирање измерени за мерната станица Битола 2, во двата изминати последователни денови (15 декември и 16 декември), не се надминати граничните вредности“, се вели во соопштението.

    Експертите објаснуваат дека зголеменото загадување со кое се соочува Битола е последица на тоа што е притиснат од маглата и останува на приземниот слој над градот. Мите Ристов, професор по географија и претседател на Регионалното географско друштво „Геосфера“, вели Битола се соочува со темературна инверзија кога ладниот воздух од околните планини, како потежок, се спушта во котлината и го истиснува потоплиот воздух нагоре. Поради високата релативна влажност во воздухот, ладниот воздух започнува да кондензира околу прашината во воздухот и се формира магла.

    „Бидејќи Пелагонија е опкружена со високи планини, маглата, која е заробена од топлиот воздух од горе, може со денови да остане заробена во котлината, се’ додека не се појави ветер. Всушност, Битола овие денови се соочува со огромно загадување на воздухот само поради тоа што загадувањето кое го емитуваат домаќинствата, сообраќајот и индустријата не може да ‘избега’, бидејќи е притиснато од топлиот воздух од горните слоеви на атмосферата и загадувањето останува во приземниот слој над градот“, рече Ристов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира