ЏАБЕ СЕ БУНАТ, ХОТЕЛОТ ВО ЛАГАДИН Е ЗАВРШЕНА РАБОТА, ВЕЛИ В. Д. ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОХРИД ГЕОРГИЕСКИ

    ЏАБЕ СЕ БУНАТ, ХОТЕЛОТ ВО ЛАГАДИН Е ЗАВРШЕНА РАБОТА, ВЕЛИ В. Д. ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОХРИД ГЕОРГИЕСКИСите тие засегнати структури од невладини организации, активисти,граѓани требало да делуваат кога се носел планот. На донесен план на 50 метри од обала да има објект, завршена е работата“, рече в. д. градоначалникот Георгиески.-Од протестите против изградбата на хотелот на граѓанските активисти.(Фото: СДК.МК)

    Невладините организации, активистите, граѓаните за објектот кај Лагадин требало да делуваат кога се носел Деталниот урбанистички план, а сега кога веќе планот е донесен работата е завршена, рече денеска в. д. градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески.

    Откако минатата недела премирот Зоран Заев му кажа на инвеститорот на хотелот кај Лагадин, дека лично ќе се заложи предметот да биде решен во негова корист, Георгиески вели дека минатата недела од Второстепената комисија стигнала одлука дека жалбата на инвеститорот е усвоена.

    „Сега предметот е вратен на прв степен. Во овој случај има решение од Државен градежен инспекторат кој што е во состав на Министерството за транспорт и врски, а друг орган на истото министерство односно Второстепената комисија го поништува решението. Ќе мораме да видиме како тој план е донесен, одобрението за градба е издадено врз основа на детален урбанистички план. Во моментов во Општина Охрид се спроведува ревизија за начинот на кој се донесени сите урбанистички планови, дали се донесени легално и законски. Сите тие засегнати структури од невладини организации, активисти, граѓани требало да делуваат кога се носел планот. На донесен план на 50 метри од брег да има објект, завршена е работата“, рече в. д. градоначалникот Георгиески.

    Изградбата на хотелот во Лагадин прекршува вкупно 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Дополнително, Инспекторатот за животна средина потврди дека градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба.

    Во однос на препораките на УНЕСКО да се постави мораториум на градба во Охрид, Георгиески вели дека на донесени не може да се донесе забрана за градба.

    „Како на инвеститор да не му дадам одобрение на градба кога веќе планот е донесен. Кога ќе дојде инвеститор и ќе побора одобрение за градба на постоечки план јас како градоначаник сум должен да постапам до тоа барање. Мораториумот на градба е во носењето на планови, на донесени планови ние не можеме да воспоставување мораториум, како на луѓето да не им дозволиме да градат за планови кои се донесени, со тоа им го скратуваме правото. Кога ќе ги носиме плановите таму треба добро да делуваме“, додаде Георгиески.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари