ЗАЕВ ПРОТИВ ПРЕПОРАКИТЕ НА СОБРАНИЕТО, УРГИРА ЗА ГРАДБИ НА ОХРИДСКИОТ БРЕГ НАСПРОТИ БАРАЊАТА ЗА МОРАТОРИУМ ОД УНЕСКО

    ЗАЕВ ПРОТИВ ПРЕПОРАКИТЕ НА СОБРАНИЕТО, УРГИРА ЗА ГРАДБИ НА ОХРИДСКИОТ БРЕГ НАСПРОТИ БАРАЊАТА ЗА МОРАТОРИУМ ОД УНЕСКОСобраниската Комисија за култура на 30 јули 2018 година ѝ дала препораки на Владата да се прогласи времен мораториум на сите градежни активности во Охридскиот Регион;- Хотелот во Лагадин за кој премиерот Зоран Заев рече дека лично ќе се заложи случајот да биде решен во полза на инвеститорот. (Фото: СДК.МК)

    Собранието преку Комисијата за култура на 30 јули лани ѝ дало препораки на Владата да се прогласи времен мораториум на сите градежни активности во Охридскиот Регион. Но, и покрај ваквите препораки премиерот Зоран Заев во петокот му вети на инвеститорот на хотелот во Лагадин што прекрши 12 закони дека ако треба лично ќе ја донесе Второстепената комисија и ќе го реши случајот.

    На седницата на Комисијата за култура која се одржала како резултат на повеќегодишното несоодветно управување со Охридскиот Регион, непочитувањето и честите промени и неусогласености во законската регулатива, донесени се повеќе препораки кои се однесуваат и на стопирање на градбите во заштитени појаси.

    „Се укажува на Владата да ги исполни сите 19 препораки од реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО од април 2017, со посебен акцент на препораката за прогласување на времен мораториум на сите градежни активности во Охридскиот Регион, сè до донесување на потребните планови. На Собранието и на Владата им се укажува на потребата од донесување на нов Закон за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. На Владата на Република Македонија ѝ се укажува на потребата од прецизирање на надлежностите на сите институции кои имаат ингеренции во крајбрежниот појас на Охридското езеро“, стои во заклучоците од собраниската Комисија за култура.

    На надзорната расправа во Собранието биле сослушани над 30 сведоци, меѓу кои актуелни министри, градоначалници, експерти за културно и природно наслество, стручњаци од институции, директори на институции и претставници од пет невладини организации. И покрај тоа што биле поканети, никој од поранешните министри за култура, транспорт и врски и за економија, како и поранешните градоначалници, освен Зијадин Села од Струга не се одзвал на поканата.

    Градбата на хотелот кој е на само неколку метри од Езерото и во строгиот заштитен појас на самиот пат Охрид – Свети Наум предизвика неколку протести на граѓани и уметнички перформанси, но премиерот застана на страната на инвеститорот за кој од Охрид СОС тврдат дека има кривична пријава за сличен прекршок во Пештани – Од протестниот граѓански перформанс против дивиот хотел во Лагадин на 4 август 2018 (Фото: СДК.МК)

    Во заклучоците се бара Владата и Собранието да иницираат измени на „сите закони кои овозможуваат градење во границите на Доброто без одобрение за градба од Министерството за транспорт и врски“. Се укажува дека е потребна итна промена во одредбите од Законот за градење и Законот за заштита на културно наследство кои дозволуваат интервенции врз недвижното културно наследство да вршат приватни градежни фирми кои што не се стручни во областа на заштитата на културното наследство.

    На Владата  ѝ се укажува и да изврши целосна ревизија на проектот возобнова на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник, како и да направи дополнителна консултација со УНЕСКО во врска со моменталната состојба на теренот.

    Изградбата на хотелот во Лагадин прекршува вкупно 12 закони, 1 подзаконски акт и не е во согласност со Уставот на Република Македонија. Дополнително, Инспекторатот за животна средина потврди дека градбата се наоѓа во заштитените 50 метри од брегот на Езерото во кои не се дозволени објекти од цврста градба.

    На трибината во Охрид која се одржа на 1 февруари инвеститорот на хотелот во Лагадин, Никола Толески му кажа на Заев дека сака да го догради објектот и ако може да ја фати сезоната, а за хотелот, инвеститорот кажа дека е едно „обично објектче“ за семеен бизнис со 8 соби и 9 апартмани.

    Заев му одговори дека дури и да има, правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, нивниот одговор не смее да биде „не може“ или „не бива“, туку треба да најдат начин одговорот да биде „да“.

    „Дури и да постои правно-формален аспект во Одделението за урбанизам, не може ‘не бива’. Ќе најдат начин како да биде ‘да’. Ако треба, ќе ја земам под раце Второстепената комисија и ќе дојдат тука и ќе го решиме до крај“, кажа Заев на трибината, обраќајќи му се на инвеститорот на хотелот со „чичко Никола“.

    На овој настап на премиерот веднаш реагираше Здружението на граѓани за спас на Охрид „Охрид СОС“ кое соопшти дека „Не е во надлежност на премиер „да фаќа врски“ за да озаконува криминални градби во УНЕСКО регион“.

    Активистите велат дека до канцеларијата на премиерот се доставени сите релевантни документи со кои располагаат и највија дека ако премиерот и натаму остане во заштита на локалниот криминал, ќе покренат процедури за обезбедување материјална и кривична одговорност. „Токму партискиот пазар и неказнивоста на локални шерифи ги доведоа Охрид и Македонија до ова дереџе. А сепак, дури ни Никола Груевски не се осмели вака јавно и отворено да го покажува степенот на корумпираност во македонското општество“, соопштија од „Охрид СОС“, откако премиерот Заев отворено застана зад спорниот објект кој е на само неколку метри од Езерото и на самиот пат Охрид – Свети Наум.

    И Општинската организација на СДСМ во март 2017 година, кога партијата на Зоран Заев беше во опозиција, побара „од локалната власт во Охрид предводена од неодговорни политичари, веднаш да престане да го уништува и загрозува природно наследство“.

    Од СДСМ кога беа во опозиција тврдеа дека „се работи за градба во заштитен појас на помалку од 50 метри од брегот на природно езеро и задолжително мора да биде изготвена оценка за влијанието врз животната средина, што не е направено“.

    А. АНТЕВСКА

     

     

     

    .

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира