ЕСМА, ЖИВКО ПОПОВСКИ, СЛАВКО ЈАНЕВСКИ, БЛАЖЕ КОНЕСКИ, ЃОРЃИ КОЛОЗОВ И БУШТУР ЌЕ ДОБИЈАТ УЛИЦИ ВО СКОПЈЕ

    ЕСМА, ЖИВКО ПОПОВСКИ, СЛАВКО ЈАНЕВСКИ, БЛАЖЕ КОНЕСКИ, ЃОРЃИ КОЛОЗОВ И БУШТУР ЌЕ ДОБИЈАТ УЛИЦИ ВО СКОПЈЕСе предвидува именување на улици или булевари според сите народни херои кои досега немале улица во Скопје или им била одземена, ректорите на скопските универзитети, како и претседателите на Собранието. Еден мост во Скопје ќе биде именуван според Роза Плавева и Накие Бајрам, кои за време на Младотурската револуција, ги организирале турските жени во борба против зарот и фереџето.(Фото: К. Попов)

    Народни херои, архитекти, ректори на скопскиот универзитет, претседателите на Собранието, почесни граѓани на Скопје, уметници и спортисти ќе добијат свои улици, мостови и плоштади во главниот град. Комисијата за именување улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК, ја составила листата на личности според кои ќе бидат именувани улици во Скопје.

    Се предвидува именување на улици или булевари според сите народни херои кои досега немале улица во Скопје или им била одземена, ректорите на скопските универзитети, како и претседателите на Собранието. Еден мост во Скопје ќе биде именуван според Роза Плавева и Накие Бајрам, кои за време на Младотурската револуција, ги организирале турските жени во борба против зарот и фереџето.

    Улица ќе добијат и архитекти важни за Скопје како Живко Поповски, Славко Брезовски, Борис Чипан, Томас Доксијадис, но и почесните граѓани Торвалд Столтенберг, Лоренс Иглбергер и У Тант.

    „Во листата на Комисијата се и писателите Славко Јаневски, Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Владо Малески и Даница Ручигај. Не се заборавени ниту ликовните уметници како Томе Серафимовски, Петар Мазев, Димитар Кондовски, Борка Аврамова и културните уметници Есма Раџепова-Теодосиевска, Мери Бошкова, Неда Гешоска, Ѓорѓи Колозов, Тодорка Кондова, Димитар Ќостаров, Илија Милчин, Илија Џувалекоски, Џемаил Максут, Салаетин Билал“, велат за САКАМДАКАЖАМ. МК од Град Скопје.

    Значајни имиња за македонскиот спорт исто така ќе добијат свои улици и тоа Атина Бојаџи, Нада Ицева-Салџиева, Благој Истатов, Благоја Георгиевски-Буштур.

    Од Град Скопје велат дека процесот ќе го почнат по завршување на изборите и очекуваат до крајот на годинава да биде завршен.

    „Според Законот за именување на улици, не смееме во период пред избори да менуваме имиња. Листата на имиња без дадени локации е спремна да влезе во процедура на Советот на Град Скопје, потоа треба да се одобри од Влада, па да се врати во Град Скопје. По изборите планираме да го започнеме процесот и да го завршиме до крајот на годината“, велат од Град Скопје.

    Промената на имиња на улици, булевари, плоштади и мостови ја најави градоначалникот Петре Шилегов лани на одбележувањето на 56-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Шилегов тогаш кажа дека Скопје по земјотресот е изграден благодарение на светската хуманост и солидарност, но за жал, претходната власт многу од тие спомени избришала.

    „Лани на овој ден ги вративме буквите од Тито на старата железничка станица. Пред неколку месеци, катните гаражи под надлежност на Градот добија ниви имиња ’26 Јули‘ и ’Беко‘. Сега тоа ќе го направиме и на други објекти, улици и плоштади. На анкета граѓаните ќе можат да предложат имиња за објекти и улици, со кои ќе се сеќаваме на денот кога Скопје повторно беше изграден“, рече лани Шилегов.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира