ГЕОРГИЕСКИ ЌЕ ЈА ПОСЛУША ВЛАДАТА, ГРАДЕЊЕТО КАЈ „ПАРК“ ЌЕ СОПРЕ ДОДЕКА НЕ СЕ ВИДИ ДАЛИ ОДОБРЕНИЕТО ЗА ГРАДБА Е ВАЖЕЧКО

    ГЕОРГИЕСКИ ЌЕ ЈА ПОСЛУША ВЛАДАТА, ГРАДЕЊЕТО КАЈ „ПАРК“ ЌЕ СОПРЕ ДОДЕКА НЕ СЕ ВИДИ ДАЛИ ОДОБРЕНИЕТО ЗА ГРАДБА Е ВАЖЕЧКОНа местото каде се урна вредно архитектонско дело на Павел Балабан треба да се гради хотел (Фото: СДК.МК)

    Градежните активности на локацијата на поранешниот ресторан „Парк“ крај Охридското Езеро ќе сопрат, додека не се направи увид на одобрението за градење хотел на местото каде се урна вредно архитектонско дело на архитектот Павел Балабан. Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, вели дека Општината ќе постапи по барањата на Владата и во рок од два дена ќе ја достави бараната Информација за важноста на одобрението за градба на оваа локација.

    „Владата побара од Општината во рок од два дена да достави информација за важноста на одобрението за градба и ние ќе постапиме. Ќе се превенираат понатамошните градежни активности до утврдување на фактичката состојба. Министерство за транспорт и врски е задолжено да формира комисија и да направи надзор над постапката за издавањето на одобрението. Ние ќе направиме вонреден инспекциски надзор за да се утврди фактичката состојба и ќе испратиме известување согласно укажувањето на Владата да се прекинат градежните активности до утврдување на фактичката состојба. Тоа мора да го направиме кога официјално ќе ги добиеме укажувањата на Владата и ќе постапиме по нив“, вели Георгиески.

    Стручна комисија формирана од Министерството за транспорт и врски ќе изврши увид во процесот на издавање и спроведување на одобрението за градење од 2018 година според кое инвеститорот, градежната фирма „Ремис“ ќе гради хотелски комплекс од приземје три ката и поткровје.

    Од Здружението Охрид СОС неодамна поднесоа иницијатива за итен инспекциски надзор до Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат поради прекршувања на одредби од Законот за градење што се кривични дела според Кривичниот законик бидејќи според нив градежните работи се отпочнати по истекот на важноста на одобрението за градење.

    Министерката за култура Ирена Стефоска, која е и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, побара одземање на ингеренциите на Општините Охрид и Струга бидејќи не воделе грижа за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира