ВЛАДАТА НАРЕДИ ДА СЕ СПРЕЧИ ГРАДЕЊЕТО КАЈ „ПАРК“ ВО ОХРИД И ДА СЕ ИСПИТА ОДОБРЕНИЕТО ЗА ГРАДБА

    ВЛАДАТА НАРЕДИ ДА СЕ СПРЕЧИ ГРАДЕЊЕТО КАЈ „ПАРК“ ВО ОХРИД И ДА СЕ ИСПИТА ОДОБРЕНИЕТО ЗА ГРАДБАПоранешниот ресторан „Парк“, наградуван објект на архитектот Павел Балабан, беше урнат викендот. (Фото: Принтскрин од видео)

    Владата ја задолжи Општина Охрид да спречи градежни работи на локацијата на поранешниот ресторан „Парк“, наградуван објект на архитектот Павел Балабан кој беше урнат викендот, и во рок од два дена до Владата да достави Информација за важноста на одобрението за градба на оваа локација. Заради заштита на крајбрежјето на Охридското Езеро, Министерството за транспорт и врски во рок од два дена ќе формира стручна комисија која ќе изврши увид во работата за Општина Охрид за процесот на издавање и спроведување на одобрението за градење на локацијата и за своите наоди да ја извести Владата на нејзината наредна седница, соопшти Владата.

    На местото на „Парк“ според одобрението за градба од 2018, инвеститорот градежната фирма „Ремис“ ќе гради хотелски комплекс од приземје три ката и поткровје. Но, Одобрението за градење на „Ремис“ е правосилно од 6 јули 2018, а првпат градежни работи почнуваат во 2021, што е речиси една година по истекот на важноста на одобрението за градење. Па затоа, Здружението Охрид СОС на 19 март поднесе иницијатива за итен инспекциски надзор до Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат поради прекршувања на одредби од Законот за градење што се кривични дела според Кривичниот законик.

    Откако почна уривањето на „Парк“, министерката за култура Ирена Стефоска, која е и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, на 19 март рече дека рече дека Општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО и затоа ќе иницира пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини.

    Денеска, Владата ги задолжи сите надлежни министерства и инспекторати, во взаемна и постојана комуникација и преку давање на стручна помош да ги решаваат проблемите со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Исто така, Владата им укажа на Општините Охрид, Струга и Дебарца, одобренијата за градба да ги издаваат со извод од Деталниот урбанистички план (ДУП) и од Планот за управување со Охридскиот Регион. Во Општините Охрид, Струга и Дебрца до донесувањето на новите урбанистички планови кои ќе бидат усогласени со Планот за управување, изградбата на објекти или преземањето мерки за непосредна заштита со кои се нарушува интегритетот на културното наследство на Охридскиот Регион, задолжително да се врши со издавање на заштитно-конзерваторски услови.

    „Имајќи предвид дека сите стручни дејствија кои се содржани во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион се имплементираат преку Националната устанива Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид и Управата за заштита на културното наследство, Владата донесе заклучоци со кои овие дејствија на Заводот ќе се реализираат во соработка и со претходно мислење од Националниот конзерваторски центар – Скопје. Со цел, координирано одвивање на активностите за заштита на културното наследство во Охридскиот Регион, Управата за заштита на културното наследство актите ќе ги издава по претходно мислење на Министерството за култура. Заради обезбедување на стручност, Министерството за култура ќе формира комисија составена од докажани експерти за заштита на културното наследство која ќе дава стручна помош за мислењата и за актите изготвени од Управата за заштита на културното наследство“, соопшти Министерството за култура.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира