„ПАРК“ СЕ УРИВА СО ЕДНА ГОДИНА ИСТЕЧЕНО ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДБА, НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИ НЕ МУ Е ЈАСНО ЗОШТО СТЕФОСКА БАРА ДА ИМ СЕ ОДЗЕМАТ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ОХРИД И СТРУГА

    „ПАРК“ СЕ УРИВА СО ЕДНА ГОДИНА ИСТЕЧЕНО ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДБА, НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГЕОРГИЕСКИ НЕ МУ Е ЈАСНО ЗОШТО СТЕФОСКА БАРА ДА ИМ СЕ ОДЗЕМАТ ИНГЕРЕНЦИИТЕ НА ОХРИД И СТРУГАПросторот кај „Парк“ е ограден и од вчера почна уривањето на наградуваниот објект на архитектот Павел Балабан од 1989. (Фото: Принтскрин од видео)

    Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески вели дека не му е јасно за одземање на кои ингеренции зборува министерката за култура Ирена Стефоска, откако таа вчера рече дека Општините Охрид и Струга немаат волја за заштита на светското природно и културно наследство впишано во УНЕСКО и затоа ќе иницира пред Владата да се разгледа можноста за одземање на ингеренциите на овие општини.

    Министерката Стефоска, која е и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, ова го најави откако вчера почна да се урива ресторанот-дискотека „Парк“ на брегот на Охридското Езеро, наградувано дело на архитектот Павел Балабан од 1989. Министерката Стефоска кажа и дека во делот на надлежностите на Министерството за култура, на одговорност ќе бидат повикани Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид како и Управата за заштита на културното наследство.

    На местото на „Парк“ според одобрението за градба од 2018, инвеститорот градежната фирма „Ремис“ ќе гради хотелски комплекс од приземје три ката и поткровје. Но, Одобрението за градење на „Ремис“ е правосилно од 6 јули 2018, а првпат градежни работи почнуваат во 2021, што е речиси една година по истекот на важноста на одобрението за градење. Па затоа, Здружението Охрид СОС вчера поднесе иницијатива за итен инспекциски надзор до Инспекцискиот совет, Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и Државниот управен инспекторат поради прекршувања на одредби од Законот за градење што се кривични дела според Кривичниот законик.

    Георгиевски, кој на 24 февруари изјави дека Општината нема правен основ да интервенира во одобрение и проект кој што биле во постапка пред носење на Планот за управување со Охридскиот Регион донесен во февруари 2020, денеска не се осврна на фактот дека „Ремис“ почнува со градба речиси една година по истекот на одобрението за градба и дека тоа не е санкционирано.

    „Ако мисли министерката Стефоска мисли да покрене иницијатива за одземање на ингеренциите на Општините Охрид и Струга во сферата на урбанизмот, повеќе пати сме разговарале на состаноци изминатава година и половина откако сум градоначалник и беше заклучено дека не постои законска можност за такво нешто согласно Законот за градење. Во добар дел од територијата на Oпштина Охрид ингеренциите во сферата на урбанизамот се под Министерството за транспорт и врски. Не знам зошто сега доаѓа ваква изјава, кога Општина Охрид од кога е донесен планот за управување со Охридскиот Регион доследно го спроведува, ние не сме издале ниту едно одобрение кое е спротивно на планот. Министерката да нè става во ист кош Општина Охрид и Општина Струга, која досега не покажа никаква активност за исполнување на препораките на УНЕСКО, мислам дека во најмала рака не е фер”, кажа денеска Георгиевски.

    На местото на „Парк“ според одобрението за градба од 2018, инвеститорот градежната фирма „Ремис“ ќе гради хотелски комплекс од приземје три ката и поткровје. (Фото: СДК.МК)

    Активистите на Охрид СОС и Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) минатата недела побараа да биде објектот заштитен како споменик на културата, а Иницијативата беше испратена до сите надлежни министерства, музеи и институции за заштита на културното богатство, а и лично до премиерот Зоран Заев. Но непосредно по покренувањето на Инцијативата, објектот вчера почна да се урива, а на 4.525 метри квадратни на просторот кај ресторанот и дискотеката „Парк“ ќе се гради нов хотел.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира