ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ СЕ СЕЛИ ВО ЗГРАДАТА НА ЕСМ НА ПЛОШТАД, КОМПАНИЈАТА ОДИ ВО БАРОКНИОТ ОБЈЕКТ КАЈ СТАРА ЖЕЛЕЗНИЧКА

    ГРАД СКОПЈЕ ЌЕ СЕ СЕЛИ ВО ЗГРАДАТА НА ЕСМ НА ПЛОШТАД, КОМПАНИЈАТА ОДИ ВО БАРОКНИОТ ОБЈЕКТ КАЈ СТАРА ЖЕЛЕЗНИЧКАНаскоро ќе биде распишан конкурс за враќање на стаклената фасада на зградата. (Фото: К.Попов)

    Град Скопје ќе се сели во поранешната зграда на ЕВН каде сега е сместена компанијата ЕСМ, на плоштадот Македонија, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Директорот на државната компанија ЕСМ Васко Ковачевски вели дека пролетва компанијата ќе почне со преселба во барокната зграда на улица Македонија, спроти Музејот на Град Скопје, и потврдува дека потоа во зградата ќе се всели некоја држвана институција или администрацијата на Град Скопје, но за тоа ќе се одлучи откако ќе заврши преселбата.

    „При крај сме со решавање на пропустите кои ги наследивме од претходната власт за да можеме да добиеме технички прием на зградата. Очекувам дека пролетва ќе почнеме со преселба во новиот објект. Зградата каде што сме сега е во сопственост на Владата и откако ќе се иселиме ќе биде предадена на Град Скопје или на некоја друга институција“, вели Ковачевски на прашањето кој ќе се всели во зградата по нивното заминување.

    Директорот Ковачевски и градоначалникот Петре Шилегов во четвртокот имаа работна средба на која се договарал планот за обнова на фасадата на зградата. Ковачевски вели дека наскоро ќе биде распишан конкурс за избор на идејно решение со кои ќе се врати стариот изглед на објектот односно стаклената фасада по која зградата беше препознатлива.

    „Бидејќи ние сè уште сме во објектот заеднички ја почнуваме постапката, откако ќе се иселиме изведбата на фасадата ќе ја финансира Градот“, додава Ковачевски.

    Од зградата на ЕСМ пред неколку месеци беа извадени скелињата и платната со кои беше покриена 7 година откако во 2013 почнаа градежните работи за менување на фасадата во барок. Новото раководство на ЕСМ откако ЕВН замина од зградата го раскина договорот со изведувачот „Бетон“ и сега од почеток заедно со Градот ја почнуваат постапката за враќање на некогашниот изглед.

    Зградата на ЕСМ е изградена 1962 и е еден од најзначајните објекти на македонската модерна архитектура. Автор на идејното решение е белградскиот архитект Бранко Петричиќ. Фасада ја дизајнираше и реализираше покојниот архитект Ѕвонимир Никуљски кон крајот на 1970-тите години  и тој целосно го испочитувал делото на колегата кој е автор на првичниот проект. Втор пат фасадата е реконструирана во 2000 година. Тогаш е додадено стаклото и е полиран мермерот.

    Град Скопје во ноември 2019 за 12.7 милиони евра ѝ ја продаде Градската куќа на кејот на реката Вардар под тврдината Кале на ЕВН. Тогаш градоначалникот Шилегов кажа дека одлуката за продажба на објектот кој почна да го гради неговиот претходник Коце Трајановски е донесена бидејќи се наоѓа на несоодветна локација и нема да ги собере сите вработени во Градот.

    На местото на бараките во Градскиот парк каде сега е сместена градската администрација според новиот Детален урбанистички план кој сè уште е во фаза на изработка во Општина Центар се предвидува да се гради монтажен паркинг. Со стариот план донесен во времето на ВМРО-ДПМНЕ на овој простор се предвидуваше да се гради 25-метарски деловен објект, но сега маркичката е избришана.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира